Украинските сили извршија голем напад со беспилотно летало против руската област Липецк, соопштија руските власти рано во петокот. Пожар избувна во воена база во областа. Базата се наоѓа на околу 300 километри од украинската граница, јавуваат официјалните руски агенции ТАСС и РИА Новости, цитирани од Франс прес.
Ова се случува на позадината на информациите кои се уште не се официјално потврдени од Киев за голема инвазија на околу 1000 украински војници со тенкови, оклопни возила и артилерија во пограничната руска област Курск. Руските власти објавија дека таму има борби од вторникот. Регионот Липецк се граничи токму со Курск.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот вечерта изјави дека Русија и донесе војна на неговата земја и „треба да почувствува што направила“. Сепак, тој не ја именуваше конкретно украинската инвазија на Курск, за што објави Москва. Зеленски рече само дека добил извештаи од началникот на украинската армија Олександар Сирски и ги нарече најновите воени дејствија на Киев „ефикасни“ и „токму она што и треба на нашата земја сега“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме, гувернерот на руската област Липецк, Игор Артамонов, изјави дека „Липецк е изложен на масовен напад со беспилотни летала“, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС.
Според него, падот на дрон предизвикал оштетување на енергетски објект и предизвикал прекини во снабдувањето со електрична енергија. Артамонов, исто така, рече дека имало „детонација на опасно експлозивни предмети“ подалеку од цивилни објекти, додавајќи дека спасувачите се на терен.
„Пожар избувна на воен аеродром во областа Липецк“, јавија руските новински агенции ТАСС и РИА Новости, повикувајќи се на регионалното Mинистерство за вонредни состојби, без да прецизираат дали пожарот бил предизвикан од украински напад.
Има извештаи и за напади во други региони на Русија и на полуостровот Крим, кои таа незаконски ги анектираше во 2014 година. Украинскиот информативен портал Киев Индипендент објави дека во текот на ноќта во петокот имало силни експлозии и пожари во рускиот град Рилск во областа Курск, повикувајќи се на проруски канали на Телеграм.