Србите кои се вработени во јавните институции во Северна Митровица, Косово денеска (8 август) протестираат пред полициската станица во таа општина. Причината е денешното апсење на двајца српски политичари.
Меѓу демонстрантите се и лидерите на Српската листа, водечката партија на Србите на Косово, која ја ужива поддршката на официјален Белград.
„Александар Арсенијевиќ и Стефан Велковиќ од Српска демократија беа уапсени на 8 август во Северна Митровица“, потврди за Радио Слободна Европа (РСЕ) заменик директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани.
Според Елшани, Арсенијевиќ ги попречувал работниците на општина Северна Митровица и ги одбивал наредбите на полицијата.
Двајцата се уапсени во близина на главниот мост на реката Ибар, каде што општинските работници варосувале. Како што се дознава тие политичари биле против пребојување на веќе обоените српски знамиња во близина на мостот.
Апсењата на Арсенијевиќ и Велковиќ се случува во моментот кога во Северна Митровица се води расправа за отворање на мостот на Ибар.
Пред почетокот на расправата, членовите на партијата во која членува Арсенијевиќ отидоа во општина Северна Митровица и побараа објаснување од Елшани зошто се уапсени двајца членови на Српска демократија.
На дебатата присуствуваат и претставници на Владата на Косово, општина Северна Митровица, а косовскиот премиер Албин Курти ги покани и граѓаните од српска националност да учествуваат на неа.
Инаку на 7 август, дел од Србите протестираа во Северна Митровица, противејќи се на отворањето на мостот што ја дели Јужна Митровица со албанското мнозинство и Северна Митровица, каде живее мнозинската српска заедница.
Видете и ова: Протест на Србите во Северна Митровица поради најавата за отворање на мостот на ИбарВладата на Косово и покрај противењето на меѓународната заедница изјави дека има намера да го отвори мостот за сообраќај. Сепак САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија на 2 август објавија дека не поддржуваат отворање за сообраќај во овој момент.
Мисијата на НАТО на Косово (КФОР) соопшти дека секоја одлука за отворање на мостот треба да се донесе во рамките на дијалогот меѓу Приштина и Белград, со посредство на Европската Унија. Италијанските војници како дел од мисијата КФОР се на самиот мост, а припадници на косовската полиција се во непосредна близина.
Во повоениот период, овој мост беше симбол на конфликтот и барикадите што ги подигнаа косовските Срби за да се спротивстават на напорите на Косово да воспостави власт на северот.
Мостот засега е отворен само за пешаци, иако е договорено да се отвори и за сообраќај како дел од дијалогот Косово-Србија.