Гувернерот на руската област Курск, долж границата со Украина, во средата (7 август) изјави дека е прогласена вонредна состојба на вториот ден од големата украинска копнена офанзива за која Русија вели дека била поддржана од тенкови, оклопни возила и артилерија.
„Со цел да се отстранат последиците од влегувањето на непријателските сили во регионот, донесов одлука да воведам вонредна состојба во регионот Курск од 7 август“, изјави гувернерот Алексеј Смирнов на Телеграм.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно го обвини Киев дека истрелал ракети врз цивилни и станбени цели во регионот, додека руските провоени блогери објавија дека украинските сили зазеле неколку села додека напредувале на руска територија, објави редакцијата на англиски јазик на Радио Слободна Европа.
Говорејќи за време на преносот на владината седница на 7 август, Путин рече дека операцијата на украинската војска е „уште една провокација од големи размери“.
Началникот на Генералштабот на руската армија, генерал Валериј Герасимов, му рекол на Путин дека руските сили го запреле напредувањето на околу 1000 украински војници.
„Напредувањето на непријателот длабоко во територијата во правец на Курск беше запрено со акциите на единиците што ја покриваат државната граница заедно со граничарите и единиците за засилување, воздушните напади, ракетниот и артилерискиот оган“, рече Герасимов.
Видете и ова: Русија вели дека во украинските напади загинале две лица во близина на границатаВо видеото објавено во средата, украинскиот претседател Володимир Зеленски и се заблагодари на украинската армија, распоредувајќи војници долж линијата на фронтот во регионите Покровск, Торецк, Лиман и Харкив „и секаде каде што продолжува нашата заштита од офанзивните операции на окупаторите“.
Зеленски не го спомна Курск, но рече дека е важно да се продолжи со уништување на непријателот „точно како што знаат нашите војници и исто толку ефикасно бидејќи тоа дава резултати“.
„Колку е поголем притисокот врз Русија, толку ќе биде поблизок мирот“, рече тој.
Претходно, вршителот на должноста гувернер на областа Курск изјави дека две лица се убиени во напад со украинско беспилотно летало во близина на градот Суџа.
Смирнов на Телеграм рече дека украинско беспилотно летало удрило во амбулантно возило во движење, при што загинале возачот и болничарот во Суџа, место на десет километри од границата.
Тврдењата на Путин и Смирнов не можеа независно да се проверат.
Видете и ова: Путин: Украина прави „провокација од големи размери“Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, им рече на новинарите дека од Украина зависи како ќе одговори на прашањата за нејзините операции, но додаде дека „ништо не е променето“ во врска со американската политика која забранува напади во Русија со употреба на оружје, освен против „ непосредна закана само преку граница“.
Тој исто така рече дека американските власти контактирале со своите украински колеги за подобро да ја разберат ситуацијата.
Смирнов, исто така, ги повика жителите да даруваат крв, бидејќи руското Министерство за одбрана претходниот ден објави дека до 300 војници, поддржани од 11 тенкови и повеќе од 20 оклопни борбени возила, ја преминале границата во областа Курск и ги нападнале руските позиции во близина на населените места Николаево-Дарино и Олешња.
Русија соопшти дека украинските сили се повлекле откако претрпеле загуби.
Сепак, про-Кремљ блогери објавија дека украинските сили ги зазеле Николаево-Дарино и Свердликово во областа Суја. Блогерите соопштија дека украинските војници влегле во Суџа еден ден претходно и се обидувале да ја преземат контролата врз селата Гончаровка и Олешнија.
Киев не ги коментираше овие наводи.
Во меѓувреме задолжителна евакуација се спроведува во 23 населени места лоцирани во пет заедници во североисточниот регион Суми во Украина.
„На околу 6000 луѓе, меѓу кои 425 деца, им е наредено да се евакуираат, изјави гувернерот Володимир Артјух на украинската телевизија.
Артјух истакна дека ситуацијата во регионот Сума е прилично напната и дека воздушната тревога трае повеќе од еден ден.
Тој додаде дека многу од експлозиите што ги слушаат жителите се „дело на нашата противвоздушна одбрана“ и дека регионот Суми никогаш не бил подобро покриен со таа одбрана.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзината воздушна одбрана соборила 11 беспилотни летала лансирани од Украина во четири нејзини региони рано во средата.
Украина објави дека нејзината противвоздушна одбрана ги соборила сите 30 дронови лансирани од Русија во седум нејзини региони.
Во Киев, делови од соборени дронови погодиле лице кое се здобило со повреда на ногата од шрапнели.