Велика Британија е во состојба на готовност по насилните протести на екстремната десница во неколку градови низ земјата. Владата во средата објави дека 6.000 специјални полицајци се подготвени во случај на немири.
Во последните денови Велика Британија беше зафатена од насилни немири во неколку градови, кои се случија по убиството со нож на три девојчиња во Саутпорт, северозападна Англија, на 29 јули. Во тој напад, кој се случил за време на час по танц, пет деца биле тешко повредени.
После тоа, имаше немири во кои цел на демонстрантите беа џамии и згради во кои се сместени барателите на азил.
Според Агенцијата Франс прес, демонстрантите фрлале тули и факели врз полицајците, запалиле автомобили и нападнале џамии и најмалку два хотела што се користат за баратели на азил.
Според последните податоци на полицијата, уапсени се речиси 430 лица, а најмалку 120 обвинети за учество во немирите од претходните денови.
Видете и ова: Британскиот премиер Стармер свика итен состанок поради протестите во земјатаСудовите наредија затворски казни за прекршителите, а полицијата се подготвуваше за повеќе од 100 демонстрации во средата, вклучително и можни контрапротести на антифашистички активисти.
На социјалните мрежи најпрво се проширија лажни гласини дека напаѓачот е муслимански барател на азил. Но, осомничениот подоцна беше идентификуван како 17-годишниот Аксел Рудакубана, роден во Велс.
Британскиот премиер Кир Стармер предупреди дека сите вклучени ќе се соочат со „целата сила на законот“, вклучително и оние кои поттикнуваат насилство преку Интернет. Тој вети „суштинска казна пред крајот на оваа недела“ за бунтовниците.
Десетици обвинети, меѓу кои и тинејџери, веќе се појавија пред судиите.
Како што јави Франс прес, ова се најголемите немири во Велика Британија по немирите во Лондон во 2011 година, што доведе до тоа бројни земји да ги предупредат граѓаните да не патуваат во таа земја.