Во Северна Митровица, во непосредна близина на главниот мост на реката Ибар започна протестот на припадниците на српската заедница кои се противат на неговото отворање за сообраќај.
Овој мост ја дели Јужна Митровица со албанското мнозинство и северот каде живее мнозинската српска заедница. Во повоениот период, овој мост беше симбол на конфликтот и барикадите што ги подигнаа косовските Срби за да се спротивстават на напорите на Косово да воспостави власт на северот.
Мостот засега е отворен само за пешаци, иако е договорено да се отвори за сообраќај како дел од дијалогот Косово-Србија.
Владата на косовскиот премиер Албин Курти во средината на јули објави дека има намера да го отвори главниот мост на Ибар во Митровица.
Сепак, земјите од групата Квинта - САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија, на 2 август објавија дека не поддржуваат отворање за сообраќај во овој момент.
Поранешниот судија од Северна Митровица, Никола Кабашиќ, на протестот изјави дека мора да се постигне консензус меѓу сите претставници на Србите во Косово за да се идентификуваат и заштитат минималните интереси на српската заедница.
Видете и ова: Мерките на Косово водат кон натамошна ескалација, вели портпаролот на ЕУИнаку Владата на Косово, по притисок од Меѓународната заедница, организираше гласање за смена на градоначалниците на северот, но Србите повторно ги бојкотираа изборите на повик на Српската листа поради „несредени избирачки списоци“.
Припадниците на српската заедница ги гледаат напорите на Владата на Албин Курти да воспостави власт на северот на Косово и присуството на Специјалната единица на косовската полиција како форми на притисок.
Кабашиќ подвлече дека протестот не е против албанскиот народ, туку против Владата на премиерот Албин Курти.
Кризите на северот на Косово траат од ноември 2022 година, кога на крајот на 2022 година, на иницијатива на Српската листа, Србите од северот ги напуштија косовските институции поради инсистирањето на косовската влада српските регистарски таблички да бидат заменети со косовски.
Ситуацијата кулминираше во септември 2023 година кога вооружена група Срби ја нападна косовската полиција и уби еден полицаец.
Инаку, албанските градоначалници дојдоа на власт поради бојкотот на изборите, а косовските власти го укинаа динарот, почнаа да ги затвораат српските институции на Косово, конфискуваа имот во сопственост на Косовската агенција за приватизација.
Припадниците на српската заедница, исто така, силно се противат на експропријација на земјиште на северот на Косово, што го спроведува Владата на Косово за изградба на полициски станици или бази.
Мисијата на НАТО на Косово (КФОР) соопшти дека секоја одлука за отворање на главниот мост на реката Ибар треба да биде донесена во рамките на дијалогот меѓу Приштина и Белград, со посредство на Европската Унија.
Видете и ова: Ховениер: КВИНТ и НАТО во овој момент не го поддржуваат отворањето на мостот во МитровицаИталијанските војници како дел од мисијата КФОР се на самиот мост на реката Ибар, а во непосредна близина се и припадниците на косовската полиција.
И портпаролот на ЕУ Петер Стано на 1 август го повтори ставот на Европската Унија дека прашањето за отворање на мостот во Митровица мора да се реши во рамките на дијалогот, имајќи предвид дека за тоа постои договор.
КФОР информираше и дека нема да се двоуми да реагира доколку постои опасност настаните да влијаат на регионалната безбедност и стабилност.
На протестот се присутни и претставници на Српската листа - најголемата партија на Србите на Косово, која ја има поддршката од Белград.
Оваа партија претходно најави дека мостот не може да се отвори без консултација и согласност на мнозинската српска заедница, која живее на северната страна на мостот.