Владејачката воена хунта во Нигер објави дека ги прекинува дипломатските односи со Украина, јавува Ројтерс. Со ова, стана втората африканска држава што ги прекина односите со Киев, по коментарите на украински функционер, кои се толкуваат како поддршка на бунтовниците во соседен Мали.
До ова доаѓа во период кога Русија продолжува да го шири своето влијание во регионот Сахел со поддршка на воените режими соочени со сепаратистички и исламистички бунтови.
Украина допрва треба да го коментира потегот на Нигер, кој следува откако воените владетели на Мали, на 4 август, исто така, ги прекинаа дипломатските односи со Украина поради нејзината наводна вмешаност во напад на бунтовниците што резултираше со убиство на десетици малиски војници и руски платеници. Ваквите обвинувања Киев ги негира.
„Владата на Република Нигер, во целосна солидарност со Владата и народот на Мали, одлучи, потпирајќи се на својот суверенитет, да ги прекине дипломатските односи меѓу Република Нигер и Украина. Оваа одлука стапува во сила веднаш“, изјави портпаролот на Владата, Абдурахаман Амаду, во телевизиско обраќање на 6 август.
Видете и ова: Мали ги прекина дипломатските односи со УкраинаВооружени групи во северниот дел на Мали, претежно населен од Туарези, соопштија дека убиле најмалку 47 владини војници и 84 руски платеници на групата Вагнер во борбите минатиот месец во близина на границата на западноафриканската земја со Алжир.
Загубите на борците на Вагнер веројатно се најтешкиот пораз што го претрпе руската платеничка група во последните две години откако почна да дава воена помош на режимот Бамако.
Без директно да ја потврди вмешаноста на Киев, Андреј Јусов, портпарол на Главната управа за разузнавање (ХУР) на украинското Министерство за одбрана, за националната украинска телевизија изјави дека бунтовниците „ги добиле сите информации што им се потребни“ за да ги поразат руските платеници кои се борат заедно со малиските трупи.
Коментарите на Јусов ја поттикнаа владата на Мали да ги прекине односите со Украина и да го обвини Киев за поддршка на тероризмот и кршење на суверенитетот на Мали.
Киев, чии војници водеа жестоки битки против платениците на Вагнер во источна Украина, остро го отфрли потегот на Мали, нарекувајќи го „кратковид и избрзан со оглед на тоа што Украина е жртва на неиспровоцирана целосна вооружена агресија од страна на Руската Федерација“.
Видете и ова: Амнести и Хјуман рајтс воч: Вагнер и помага на армијата на Мали да убива цивилиПлатеничката група на Вагнер претходно беше вклучена во некои од најжестоките борби на руската војна во Украина, но нејзината судбина беше доведена во прашање кога основачот Евгениј Пригожин беше убиен во авионска несреќа во август 2023 година, два месеци по водењето на краткиот бунт против рускиот претседател Владимир Путин.
Се верува дека платениците на Вагнер кои не потпишаа договори со Министерството за одбрана на Русија по бунтот, се преселиле во Африка.
Русија нуди заштита на режимот и други услуги на авторитарните влади во Африка и ова неодамна се прошири во Мали, Буркина Фасо и Нигер додека воените удари го зафатија Сахел.