Унгарски телекомуникациски оператор заинтересиран за влез на пазарот

Илустрација

Унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG Групација“ испратил писмо со намери до македонската влада. ова е потврдено со соопштението за одржаната седница на Владата на РСМ како дел од идејата за зголемување на конкуренцијата и намалување на цените на услугите во мобилната и фиксната телефонија.

„4iG Групацијата” изрази интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија. Иницијативата е усогласена со стратегијата на “4iG Групацијата” за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан“, пишува во соопштението.

Претходно беше објавено дека за време на официјалната посета на Будимпешта, Унгарија, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, оствари средба со Гелерт Жасзаи, претседател на “4iG Групацијата”, а токму денеска Николоски информираше и за писмото на намери.

Видете и ова: Владата подготвува закон, Унгарците „во прашалници“ за милијардата од Орбан за Мицкоски

Инаку Владата вели дека 4iG Групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија.

Дообјаснува дека во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE.

Доколку се дозволи влез ова ќе биде трет мобилен оператор во Северна Македонија.

Инаку премиерот Христијан Мицкоски најави дека од Унгарија државата ќе земе кредит од една милијарда евра. се уште не е одлучено кога ќе биде земена првата половина која државата планира да ја даде на бизнисот и општините.