Апел на ЕУ за итен прекин на огнот во Појасот Газа

Појасот Газа (илустрација)

Европската Унија изрази сериозна загриженост поради континуираното уништување на клучната цивилна инфраструктура во Појасот Газа, меѓу кои и на станицата за третман на води во Рафа, и се придружи на меѓународните повици за расчистување на овој инцидент.

„Ја повикуваме израелската Влада да се откаже од дејствија кои ги влошуваат условите за живот на цивилното население во Газа и да ги почитува своите обврски според меѓународното право. Веднаш е потребен итен прекин на огнот за да се стави крај на страдањето на цивилите во Газа, како и на израелските заложници“, се наведува во изјавата што во името на Унијата ја упати високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.

Видете и ова: Борел: ЕУ го поддржува планот на Бајден за прекин на огнот во Газа

Според него, сè „полошата хуманитарна катастрофа“ во Газа дополнително ги влошува условите за живот на цивилното население, кое и натаму се соочува со глад и веќе десет месеци е изложено на постојано преселување во пренатрупани шаторски кампови.

„Ние сме длабоко загрижени поради колапсот на санитарните системи, на управувањето со цврст отпад и на здравствените системи, што предизвикуваат ширење на болести, вклучително и на полио и кожни и респираторни инфекции, особено кај децата“, се наведува во изјавата.

Видете и ова: Групата Г7 повика на запирање на насилството на Блискиот Исток

ЕУ потсетува и дека нападите врз критичната инфраструктура претставуваат воено злосторство и ги повикува сите страни да ги преземат сите можни мерки за да се избегнат жртви меѓу цивилите и хуманитарните работници и штети на критичната цивилна инфраструктура.

Во изјавата се нагласува и важноста од почитување и спроведување на правно обврзувачките одлуки на Меѓународниот суд на правдата и се потенцира дека прекршувањата на меѓународното хуманитарно право треба да бидат темелно и независно истражени и нивните сторители да се повикаат на одговорност.