Меѓународна истрага на заеднички истражен тим меѓу Косовското специјално обвинителство од една страна и Основното јавно обвинителство Скопје од друга страна откри дека македонски државјанин пуштал во промет лажни евра на Косово.
На 4 август во Косово бил уапсен еден државјанин на Република Северна Македонија за кого постои сомнение дека произведувал и пуштал во оптек во Косово стотици илјади фалсификувани метални евромонети во номинална вредност од по 2 евра, се вели во соопштението од обвинителството
„Во исто време, во Скопје беа извршени претреси на три локации при што беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите. Сите тие ќе бидат предмет на натамошно вештачење. По наредба на специјалниот јавен обвинител на Косово, македонскиот државјанин беше привремено задржан 48 часа, по што до надлежниот суд е доставен предлог за негово обезбедување во текот на постапката“, пишува обвинителството.
Според нив целата истрага започнала поради регистрирани неколку случаи на пуштање во оптек на фалсификувани пари во Косово.
„Специјалното јавно обвинителство на Република Косово (СПРК) заедно со Секторот за истражување економски криминал и корупција во косовската полиција, со поддршка на други истражни и разузнавачки органи во таа држава, од 2023 година започнаа повеќе активности насочени кон спречување на дистрибуцијата на фалсификувани пари, особено евра на косовскиот пазар со што се нарушуваше пазарот и јавниот интерес“, се вели во соопштението.
Видете и ова: Фалсификувани 85 илјади евра во монети, изработени во земјава, завршиле на КосовоВо спроведување на активностите на истражниот тим беа вклучени претставници на Истражниот центар на ОЈО Скопје, на Одделот за борба против организиран и сериозен криминал, Единица за финансиски криминал при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и на Директоратот за економски криминал при Косовската полиција.
Оваа операција во целост е поддржана од Европол и од Проектот на Европравда за кривична правда на Западен Балкан, кои овозможија оперативна координација, критична разузнавачка анализа и техничка помош за успешна реализација.