Македонската партија во Албанија го оспорува пописот

Илустрација

Илустрација

Централниот комитет на единствената македонска партија во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, најостро ги осуди кoордираните напади врз партијата од различни структури од Бугарија, Албанија и Македонија со цел дефокусирање на вниманието од заедничкиот непријател на Македонците во Албанија и воопшто во светот, а тоа е според ЦК, Владата во Софија.

Се овластува партиското претседателство да ги преземе сите мерки и пред судските инстанци во Албанија да ги „оспори бројките од пописот и пописниот иженерениг за Македонците и да го отфрли пописот како груб фалсификат поради бројните нерегуларности и надворешно влијание за пописни манипулации, рекоа од партијата.

„Ја повикуваме Македонската Влада на грижа за положбата, правата и слободите на македонската заедница во Албанија и изготвување на долгорочна национална стратегија поддржана од сите македонски партии, вклучително од власта и опозицијата. Македонска алијанса за европска интеграција ќе продолжи да не се меша во политичките пресметки во Република Македонија и да не зазема страна. Институционално ќе соработува со сите политички партии и институциите на власта во Република Македонија“, стои во дел од заклучоците.

Со декларација меѓу другото се отфрлаат прелиминарните пописни резултати од пописот одржан во Албанија од 18 септември до 16 ноември 2023 година, поради „фалсификат на бројот на етничките Македонци, со грубо мешање во внатрешните работи на Албанија од страна на Бугарија пред и за време на пописот на населението во Албанија“.

Видете и ова: Симовски: Имаше јаки притисоци на Бугарија пред пописот во Албанија

„И покрај постојаното алармирање пред јавноста и институциите на власта на Албанија во текот на цела година, за очигледните подготовки за пописен фалсификат, изразуваме жалење поради незаинтересираноста на албанската Влада за грубото мешање на Бугарија во внатрешните работи на Албанија со цел денационализација и асимилација на Македонците во областите и местата каде што живеат. Жалиме што албанската Влада не презедоа мерки за заштита на правата и слободите на Македонците во Албанија, се вели во соопштението.

Се потсетува дека Македонците и другите малцинства во Албанија не ги прифаќаат пописните резултати и бараат нов попис на населението во согласност со меѓународните стандарди заради манипулација со бројките на малцинствата.

Се бара забрана за активностите и донациите од страна на Бугарија, бугарската амбасада во Тирана и бугарските фондации во областите каде што живее македонската заедница и поголема грижа од албанската влада за нив.