Премиерката на Бангладеш поднесе оставка, Армијата ја презеде власта

илустрација

илустрација

Премиерката на Бангладеш, Шеик Хасина во понеделник (5 август) поднесе оставка и ја напушти земјата каде, според агенцијата АФП, најмалку 300 луѓе се убиени во судирите меѓу демонстрантите и поддржувачите на владата од почетокот на протестите во јули.

Началникот на армијата на Бангладеш Вакер-Уз-Заман денеска објави дека ќе „формира привремена влада“ откако премиерката поднесе оставка и побегна од главниот град.

„Ја преземам целосната одговорност... Ќе формираме привремена влада. Земјата претрпе многу, економијата е погодена, многу луѓе се убиени, време е да се запре насилството. Се надевам дека по мојот говор ситуацијата ќе се подобри“, рече генералот иако не беше веднаш јасно дали тој ќе застане на чело на преодна влада.

Антивладините демонстранти в понеделник планираат нов масовен протест во главниот град на Бангладеш, Дака.

Голем број припадници на безбедносните сили се распоредени на улиците на Дака, особено во оние што водат до канцеларијата на премиерката Хасина.

Од недела навечер во земјата е во сила полициски час, ограничена е интернет-врската, а затворени се 3500 фабрики.

Видете и ова: Полициски час во Бангладеш, војници патролираат по улиците

Во неделата, новите судири меѓу противниците на шеикот Хасина, полицијата и приврзаниците на владејачката партија оставија најмалку 94 мртви низ целата земја.

Овие се најголемите човечки загуби во еден ден од почетокот на антивладините демонстрации пред еден месец во оваа муслиманска земја со 170 милиони жители.

Во Бангладеш голем проблем е фактот што студентите и младите дипломци се соочуваат со висока невработеност.

Студентите и младите дипломирани студенти бараат од владата да го укине системот на позитивна дискриминација, кој резервира и доделува квота државни работни места (околу 30 проценти) на членовите на семејствата на борците, односно на луѓето кои се бореле во војната за независност од Пакистан во 1971 година.

Видете и ова: Најмалку 300 загинати во протестите во Бангладеш

Системот делумно беше укинат во 2018 година, а во јуни повторно расправаше судството. На крајот на јули стапи во сила промената благодарение на пресудата на Врховниот суд.

Според пресудата, 93 отсто од работните места мора да бидат засновани на заслуги, пет отсто одат на потомци на војниците кои се бореле за независност на Бангладеш од Пакистан во 1971 година, а два отсто на лица од етничките малцинства или лица со посебни потреби.

Во најновите судири загинаа најмногу луѓе откако премиерката Шеик Хасина дојде на власт пред 15 години.

Со цел да го врати редот, нејзината влада прво го оневозможи пристапот до интернет, затвори училишта и универзитети, воведе полициски час и распореди војска.

По 16 јули, социјалната криза премина во политичка. Тогаш репресијата ги зеде првите жртви, а демонстрантите побараа оставка од премиерот.