Статуата на Ана Франк во Амстердам исчкртана со црвена боја

Архивска фотографија

Статуата на Ана Франк во Амстердам, тинејџерката која загина во нацистички логор за време на Втората светска војна, а зад себе ја остави светски познатата приказна за нејзиното затворање, е обоена во црвена боја со натпис „Слободна Газа“.

Во подножјето на статуата е испишан пропалестински слоган, додека рацете на младата девојка се обоени во црвено, пишува новинската агенција Франс прес.

Ова е втор пат за помалку од еден месец статуата, која се наоѓа во парк на југот на Амстердам, да биде мета на вандали.

Статуата на Ана Франк исто така беше оштетена на 9 јули, а властите потоа наредија зголемена заштита и инсталираа камери за видео надзор и ноќно осветлување.

„Отворена е истрага, засега нема идентификуван осомничен“, велат од полицијата, од каде наведуваат дека инцидентот најверојатно се случил ноќта од саботата кон неделата.

Дневникот на Ана Франк стана еден од најпознатите наративи за Холокаустот, тој е преведен на повеќе од 70 јазици. Напишано од перспектива на тинејџерка во суровите околности на нацистичката окупација во Холандија во Амстердам. Ана Франк, која почина на 16-годишна возраст во нацистички концентрационен логор во 1945 година, е икона на холандската еврејска заедница.

Антисемитските инциденти зачестија низ светот, особено во Холандија, од почетокот на војната во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, организација која САД и Европската унија ја прогласија за терористичка.

Војната во Газа започна откако Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници. По тој напад, Израел започна офанзива на Газа.

Најмалку 39.550 луѓе загинаа во борбите, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.