Франција ги повика француските граѓани во Либан да ја напуштат земјата поради заканата од воена ескалација на Блискиот Исток, соопшти во неделата тамошното Министерството за надворешни работи.
Министерството ги советува француските граѓани да не патуваат во Либан.
Пред Франција, Соединетите Американски Држави и Велика Британија ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан во саботата, поради зголемените стравувања од сеопфатна војна меѓу Израел и либанскиот Хезболах.
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Либан ги советуваше Американците да резервираат „секој достапен авионски билет“ за да го напуштат Либан.
И покрај откажувањето на летовите за Бејрут, „опциите за комерцијален превоз за да го напуштат Либан остануваат достапни“, соопшти амбасадата.
Видете и ова: Пентагон најави дека Вашингтон ќе ги зајакне воените капацитети на Блискиот Исток за да го брани ИзраелБританската влада ги повика своите државјани „веднаш“ да го напуштат Либан додека сè уште се достапни трговските линии.
„Тензиите се високи и ситуацијата може брзо да се влоши. Мојата порака до британските граѓани е јасна: „Одете сега“, изјави британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами.
Стравувањата од влошување на ситуацијата се интензивираа во регионот бидејќи Иран и неговите сојузници, вклучително и либанскиот Хезболах, повторно му се закануваат на Израел, обвинувајќи ја земјата дека е одговорна за смртта на палестинскиот лидер на Хамас Исмаил Хани.
Проиранското либанско шиитско движење Хезболах соопшти дека рано во неделата истрелало десетици ракети врз областа Беит Хилел во северен Израел за прв пат.