Украина минатата ноќ лансираше десетици беспилотни летала во најмалку три региони на Русија, при што беа запалени два нафтени постројки, соопштија руските власти.
Гувернерот на Ростовската област Василиј Голубев изјави дека 55 „украински беспилотни летала“ го нападнале регионот во текот на ноќта, оштетувајќи ги „магацините во регионите Каменски и Морозовски“.
Тој посочи дека засега нема пријавени жртви.
Во регионот Морозовски има воен аеродром кој претходно беше цел на напади со беспилотни летала. На видеото објавено од каналот Астра Телеграм, наводно се гледаат пожари на аеродромот и во складиште за нафта во Каменскиот регион.
Гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, извести дека тамошниот нафтен резервоар е уништен во напад со дрон, но дека нема информации за жртви. Тој додаде дека пожарот е локализиран.
Гувернерот на Орелската област Андреј Кличков на Телеграм напиша дека се уништени три беспилотни летала, додека „два дрона паднале врз станбена зграда“. Тој изјави и дека нема пријавени жртви.
Министерството за одбрана на Русија извести дека во текот на ноќта биле пресретнати 36 беспилотни летала, 17 во Орел, девет во Белгород и осум во областа Курск. Мал број беспилотни летала наводно биле пресретнати над Рјазанската област, Краснодарскиот крај, Воронежската област и Азовското Море.
Радио Слободна Европа не може самостојно да ги потврди овие наводи на Русија.
Видете и ова: Загинати цивили од руско гранатирање и беспилотни летала во УкраинаВо меѓувреме, украинската армија во саботата објави дека во текот на ноќта соборила 24 руски беспилотни летала во регионите Херсон, Одеса, Миколаев, Полтава, Днепропетровск и Киев.
Украинските власти известија дека пет цивили загинале, а 22 се ранети во руско гранатирање во регионите Доњецк, Харков и Керсон.
И покрај доказите за спротивното, Русија останува на ставот дека не ги таргетира украинските цивили во војната.
Набљудувачката мисија на Обединетите нации за човекови права соопшти дека најмалку 11.284 украински цивили биле убиени од непријателски оган од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, нагласувајќи дека вистинската бројка е веројатно поголема.