Која е Имане Келиф, боксерката во центарот на контроверзноста на Олимпијадата?

Имане Келиф

Алжирската боксерка Имане Келиф се најде во центарот на половиот јаз во спортот, откако Италијанката против која се бореше на Олимпијадата го предаде мечот по само неколку секунди.

Критики пристигнаа од конзервативците како Доналд Трамп, републиканскиот кандидат за претседател на САД и италијанската премиерка Џорџија Мелони.

Келиф беше дисквалификувана од Светското првенство во 2023 година, откако падна на недефиниран и нетранспарентен тест за да се натпреварува во женска категорија организирана од Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА), организација која во меѓувреме е забранета.

Келиф е родена како жена и тоа стои во нејзиниот пасош, кој Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) го прифати како доволен критериум за учество на натпревари во бокс.

Таа е спортистка со боречки вештини и се има натпреварувано на меѓународни турнири, вклучително и аматерски турнири во бокс во изминатите шест години, како и на Олимписките игри во Токио. Има и неколку регионални златни медали.

Сепак, Келиф сега е позната по нешто друго освен нејзините боречки вештини.

Ја победи Италијанката Ангела Карини - за само 46 секунди. Карини го напушти рингот во солзи, што предизвика гласини дека Келиф удира премногу силно и го загрозува здравјето на противничките.

За оние кои гледаат или учествуваат во бокс во олимписки стил, реалноста е сосема поинаква.

Која е Имане Келиф?

Таа е родена во 1999 година во рурален дел на Алжир. Нејзиниот татко првично не го одобруваше девојчето да боксува, но Келиф рече дека како тинејџерка сепак одлучила да ја следи својата страст, иако нејзината сала за вежбање била на десет километри од дома.

Келиф за време на прелиминарниот боксерски меч до 60 килограми за жени на Олимписките игри во Токио, Јапонија, 30 јули 2021 година.

Потоа беше забележана од репрезентацијата на Алжир и нејзиниот прв настап на турнирот беше во 2018 година, кога загуби пет од шест меча, но тренираше и се подобри.

Таа е една од првите три алжирски боксери кои учествуваа на Олимписките игри во Токио пред три години. Таа постигна добри резултати на следните две светски првенства и стана амбасадор на УНИЦЕФ претходно оваа година.

Зошто беше дисквалификувана од Светското првенство?

Келиф стигна до финалето на Светското првенство во 2023 година пред да биде дисквалификувана од ИБА, поради високите нивоа на тестостерон во нејзиното тело. Околностите на таа дисквалификација се сметаа за невообичаени, а Келиф тогаш рече дека тоа е „голем заговор“.

Пред тоа, таа се натпреваруваше без проблем, а беше дисквалификувана откако ја победи руската боксерка Азалија Аминева во 2023 година. Тогаш ИБА беше контролирана од Умар Кремлев, Русин кој го донесе Газпром како генерален спонзор и ги пресели операциите на асоцијацијата во Русија.

МОК ја оцени одлуката на ИБА како „ненадејна и произволна“. Дека дисквалификацијата изгледаше чудно, речиси секогаш беше случај со ИБА.

Таа асоцијација ретко ја откриваше природата на тестовите за спортистите, што точно се тестира и кој ги спроведуваше тестовите. Овој недостиг на транспарентност беше неприфатлив во главните олимписки спортови, па на ИБА и беше забрането учество на Олимписките игри од 2019 година.

Во вторникот МОК истакна дека ИБА признала дека одлуките биле еднострано донесени од генералниот секретар на тоа здружение.

Документите, исто така, укажуваат дека ИБА смета дека е неопходно да се воспостави јасна процедура за тестирање на половина од учесниците, но тоа се случи откако веќе дисквалификуваше двајца натпреварувачи.

Зошто натпреварувањето на Келиф е цел на критики?

Трамп, Мелони и авторката на Хари Потер, Џ.К. Ролинг негодуваа зошто на Алжирката и е дозволено да се натреварува.

За политичката десница во Италија, која често ги таргетира правата на ЛБГТК+ популацијата, учеството на Келиф е само најнов доказ за „разбудена“ култура која се прелева во спортот.

Мелони, кој се состана со претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, предупреди дека „идеологијата“ што е доведена до крајност може да ги загрози правата на жените.

Портпаролот на МОК Марк Адамс рече дека имало многу „дезинформации на социјалните мрежи, кои предизвикуваат голема штета“.

Натпреварите во бокс во Париз ги води специјална единица на МОК која ги спроведува правилата усвоени за време на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.

ИОК неделава посочи дека нема научен или политички консензус за прашањето за полот и фер учество на натпревари.

Одредени спортски тела ги променија правилата за учество по Олимписките игри во Токио 2021 година. Меѓу нив се светските асоцијации за водни спортови, атлетика, како и Меѓународната велосипедска унија. Сите тие одлучија да го забранат учеството во женските категории на жени кои го промениле полот во машки или поминале низ машки пубертет.

Келиф (лево) и Карини во прелиминарен боксерски натпревар до 66 килограми за жени на Олимписките игри во Париз, Франција, на 1 август 2024 година.

Светската асоцијација на атлетски федерации, исто така, ги заостри правилата минатата година, барајќи тестирање на тестостерон за спортистки кои се родени и се идентификуваат како жени, но имаат медицинска состојба што им дава машки карактеристики.

Што мислат другите натпреварувачи за Келиф?

Доколку се остави на страна потегот на Италијанката Карини, тешко дека следните противници на Келиф, во женската категорија до 66 килограми, ќе ја сметаат Келиф за непобедлива.

Унгарката Ана Лука Хамори рече дека „не се плаши и не се грижи за приказните на социјалните мрежи“. Двете се соочуваат во сабота.

Австралијката Мариса Вилијамсон Полман загуби од Келиф во Холандија во мај и вели дека Алжирката е исклучително силна.

„Го забележав тоа, но само продолжив да се борам. Тоа е дел од спортот и сакаш да победуваш, па продолжуваш да удираш“, изјави Вилијамсон Полман.