Трамп договори со „Фокс Њуз“ телевизиска дебата со Камала Харис во септември

Камала Харис и Доналд Трамп

Американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп објави дека се договорил со „Fox News“ (Фокс Њуз) за телевизиска дебата на 4 септември со Камала Харис, американската потпретседателка и очекуваната демократска кандидатка за претседателка на САД.

„Се договорив со „Fox News“ да имам дебата со Камала Харис во среда, 4 септември“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“, пренесе Агенцијата Франс Прес.

Сè уште не е позната реакцијата на Камала Харис на тоа.

Доцна во петокот, Џејми Харисон, претседател на Демократскиот национален комитет и изборниот штаб на Камала Харис објави дека американската потпретседателка обезбедила доволно гласови за делегатите за номинацијата на Демократската партија на претстојните претседателски избори.

Видете и ова: Што следува по повлекувањето на Бајден и предлогот Харис да биде претседателски кандидат?

Делегатите гласаа онлајн за претседателскиот кандидат на партијата и гласањето сè уште не е завршено.

Харис најави дека официјално ќе ја прифати номинацијата следната недела кога ќе заврши виртуелното поднесување, со што ќе стане првата Афроамериканка и Азијка која ќе се кандидира за претседателка.

Камала Харис се појави како можен демократски кандидат на ноемвриските претседателски избори откако актуелниот претседател Џо Бајден се повлече од изборната трка.