Протестна нота од Косово поради инцидентот со претседателката Османи на скопскиот аеродром

Вјоса Османи, претседателка на Косово

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека во петокот упатило протестна нота до Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи, пишува Македонската медиумска агенција (МИА).

Според соопштението на косовското МНР, претседателката Османи била соочена со несоодветен и незаконски третман од обезбедувањето на скопскиот аеродром.

„Министерката Грвала достави протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за расветлување на случајот и да се погрижат вакви настани во иднина да не се повторуваат“, се вели во соопштението на министерството.

Видете и ова: Опозицијата бара одговорност за инцидентот со косовската претседателка Османи во Скопје

Грвала, според соопштението, веднаш по инцидентот, во четвртокот вечерта и во петокот се сретнала со амбасадорката на Северна Македонија во Косово за да побара појаснување за случајот.

„Министерката Грвала денеска во МНР оствари средба и со вицепремиерот на Северна Македонија, Арбен Фетаи со кого разговараше за предметниот инцидент и потребата од преземање брзи институционални дејствија. Во рамки на преземените дејствија, министерката Гервала попладнево прими телефонски повик од нејзиниот македонски колега, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, при што беше изразена загриженоста на косовските институции за вчерашниот инцидент“, се наведува во соопштението.

На претседателката Османи, според соопштението што го објави Претседателството, во четвртокот имало обид да ѝ се одземе телефонот од обезбедувањето на скопскиот аеродром. Дури, како што велат, имало обид и Османи физички да се оттурне.

Претседателството на Република Косово во соопштение до јавноста ја изразува својата огорченост од „неприфатливите изјави на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија“, како и од „пропагандата што се развива против Република Косово“.

Видете и ова: МВР го истражува инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Османи

Претходно, компанијата ТАВ Македонија реагираше наведувајќи дека спровеле стандардна безбедносна проверка и дека како аеродромски оператор имаат законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучително и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот.

Од Кабинетот на Гаши соопштија дека припадниците на неговото обезбедување, кои се вработени во МВР, интервенирале за да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности.

Според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија (МВР), полицијата го истражува настанот којшто се случил во 10 часот наутро на 1 август додека Османи поминувала гранична контрола на скопскиот аеродром. Во соопштението на МВР се вели дека на косовската претседателка и било побарано да го стави телефонот да помине низ скенер, по што лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот од ТАВ за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж.

„Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер. По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин“, се вели во соопштението на МВР.