Го осудуваме притисокот на Кина врз пратениците да не присуствуваат на конференцијата на Интерпарламентарната алијанса за Кина (IPAC) во Тајван, изјави Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Политичарите од најмалку шест земји, вклучително Босна и Херцеговина и Северна Македонија, тврделе дека кинески дипломати вршат притисок врз нив да не присуствуваат на Самитот фокусиран на Кина во Тајван, во, како што велат, напорите да се изолира самоуправуваниот остров, пишуваше новинската агенција Асошиетет прес.
IPAC е група од 250 претставници од 40 земји, која се занимава со односот на демократските земји кон Кина.
„Загрижени сме од извештаите дека пратениците биле притиснати од страна на Народна Република Кина да не присуствуваат на конференцијата IPAC во Тајван и ги осудуваме овие акти на принуда“, соопшти Стејт департментот.
Тие посочуваат дека Кина „често користи тактики на притисок, таргетирајќи ги поединци и организации кои се впуштаат во комуникација со Тајван, вклучувајќи вознемирување, заплашување, закани и надзор, и лично и онлајн“.
„Кина ги користи своите правни системи и институции, како и лични напади, за да ги замолчи и заплаши неистомислениците, вклучително и поединци и организации кои ја поддржуваат енергичната демократија на Тајван и нејзината улога во меѓународната заедница“, соопшти Стејт департментот.
Тие нагласуваат дека ќе продолжат да го бранат „правото на слобода на изразување и способноста на пратениците и другите слободно да ги изразуваат своите ставови или да комуницираат со Тајван без страв од владин напад, одмазда или принуда“.
„САД имаат континуиран интерес за мир и стабилност долж Тајванскиот теснец, што е од клучно значење за регионалната и глобалната безбедност и напредок“, се заклучува во одговорот.
Меѓу пратениците од Северна Македонија кои се делегати на годишниот самит на Интерпарламентарната алијанса за Кина (ИПАК), македонски претставник освен Антонио Милошоски е и пратеникот од опозициската партија СДСМ, Фатмир Битиќи. Двајцата, отпатуваа за Тајван. Потврдија дека биле контактирани од кинеската амбасада и лично и преку партиите.
Кина го смета Тајван за неприкосновен дел од својата територија. Демократски избраната влада во Тајван ги оспорува територијалните претензии на Кина. САД не го признаваат Тајван, ниту повеќето земји во светот, но делуваат партнерски.