ЕУ одговори на македонското барање, испрати авиони и хеликоптери за справување со пожарите

архивска фотографија

Европската Комисија соопшти дека по барањето од македонските власти за помош, од Германија и Шведска се мобилизирани по два авиони од флотата на ЕУ намената за справување со пожарите „РескЕУ“, како и хеликоптер од флотата стационирана во Чешка и со по еден хеликоптер од Словенија и Србија.

„Како дел од постојаната борба против шумските пожари, веднаш реагираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ. Благодарен сум на земјите членки кои испратија помош, ова е солидарност на ЕУ во пракса, изјави еврокомесарот за справување со кризи Јанез Ленарчич.

Дополнително, во земјава е распореден и офицер за врска од Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ со цел поддршка на македонските власти во координација на одговорот на пожарите.

Инфографика - Пожари на отворено за првата половина од 2024 година

Изминатава недела Механизмот за цивилна заштита на ЕУ беше активиран и за гаснење на шумските пожари во Бугарија и Албанија.

Во Бугарија се испратени по два авиони од Грција и Франција, како и уште два авиони од флотата на РескЕУ во Шведска, додека во Албанија се распоредени два авиони од флотата на ЕУ стационирани во Италија.

„Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ продолжува внимателно да ја следи ситуацијата, со цел дека може брзо да се распореди дополнителна помош доколку е потребно, се додава во соопштението.

Европската комисија во пресрет на летото формира флота од авиони и хеликоптери за гаснење пожари и ангажираше пожарникари спремни за итна реакции, кои се распоредени на неколку локации ширум Европа. Противпожарната флота на ЕУ се состои од 28 авиони и четири хеликоптери стационирани во 10 земји членки на ЕУ.

Видете и ова: (Не)казнивост за подметнувачите на шумски пожари


Дополнително, 556 пожарникари од 12 земји се стратешки распоредени на клучните локации во Европа, во Франција, Грција, Португалија и Шпанија, кои се подготвени да реагираат во помош на локалните противпожарни единици во справувањето со огнените стихии.