Ховениер: КВИНТ и НАТО во овој момент не го поддржуваат отворањето на мостот во Митровица

Американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер

Американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер, на 2 август изјави дека земјите од КВИНТ и НАТО во овој момент не го поддржуваат отворањето на мостот Ибри во Митровица. Тој ова го изјави по средбата на претставниците на земјите од КУИНТ со премиерот на Косово, Албин Курти, во Приштина.

„Претставниците на Франција, Германија, Италија, Велика Британија, САД, заедно со амбасадорот на ЕУ во Косово, денеска се сретнаа со премиерот Курти за да го информираат дека нашите влади во консултација со НАТО не можат да поддржат никаква промена на сегашниот статус на Мостот во Митровица во овој момент“, изјави Ховениер за новинарите по средбата.

Курти на 18 јули изјави дека неговата влада има намера да го отвори главниот мост на реката Ибер и дека оваа акција не е против никого.

„Никој не може да каже дека тоа не е добра и исправна работа, но сакаме да се применува законот, да се почитува слободата на движење, но и да има мир и безбедност за сите“, рече Курти минатиот месец.

Видете и ова: Османи: Укинувањето на визите за Србите од Косово има негативно влијание


Мостот засега е отворен само за пешаци, иако во рамки на дијалогот е договорено да се отвори и за сообраќај.

Италијанските војници на КФОР, мисијата на НАТО на Косово, патролираат на мостот на Ибер, а во близина се и припадници на косовската полиција.

Оттаму, од цивилниот сектор во Косово велат дека клучен фактор за отворањето на мостот е всушност КФОР, бидејќи тој мора да ги премести своите војници, односно да даде согласност.

Во меѓувреме Европската унија, пак, порача дека прашањето за отворање на мостот Ибри треба да биде тема на дијалог со Србија.

На ова се спротивстави претседателката на Косово, Вјоса Османи, која во четвртокот изјави дека „такво нешто би претставувало сериозно нарушување на суверенитетот, територијалниот интегритет и уставноста во земјата“.