Операторот на скопскиот Меѓународен аеродром ТАВ Македонија категорично ги отфрла наводите дека нивниот вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот на косовската претседателка Вјоса Османи при вчерашниот преглед во ВИП-салонот на Меѓународниот аеродром Скопје.
„Телефонот и беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот“, се вели во соопштението на ТАВ Македонија.
Во нивното соопштение е наведено дека Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи.
„Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“, потенцираат од ТАВ Македонија.
Претходно советникот за медиуми на косoвската претседателка Османи на 1 август соопшти дека обезбедувањето на скопскиот аеродром спротивно на меѓународните практики се обидело на Османи да и го земе телефонот и личната чанта, но и дека аеродромското обезбедување физички ја турнало. Османи за инцидентот го известила претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши, по што интервенирале припадници на неговото обезбедување.
Собранискиот спикер Африн Гаши по говорот за чествувањето на Илинден, изјави дека тој интервенирал само за да не се направи дипломатски инцидент и доколку имало пречекорување на овластувањата, секој кој и да го направил тоа, треба да одговара.
„Мојата заложба била и ќе биде да смирувам, да зближувам, а не да делиме и да правиме инциденти“, рече првиот човек на законодавниот дом.
Како што информираа претходно од МВР, вчера околу 10 часот додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа, сепак, багажот бил вратен и поминал низ скенер.
Видете и ова: Опозицијата бара одговорност за инцидентот со косовската претседателка Османи во Скопје„По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин“, соопшти МВР.
Нарекувајќи го „недостоинствен“ односот на аеродромското обезбедување кон Османи, косовското МНР во денешното соопштение наведува дека побарало официјални појаснувања во врска со инцидентот од амбасадата на Северна Македонија во Приштина и од македонското МНР.
„Министерството за надворешни работи и дијаспора со загриженост дозна за инцидентот предизвикан на скопскиот аеродром во врска со недостоинствениот однос кон претседателката на Република Косово, др. Вјоса Османи. Министерството за надворешни работи и дијаспора, преку Амбасадата на Косово во Скопје, започна со собирање информации и уште од раните утрински часови бара официјални појаснувања од амбасадата на Северна Македонија во Приштина и од Министерството за надворешни работи на Северна Македонија“, се вели во соопштението на косовското МНР.
Од опозицискиот СДСМ, пак, велат дека јавноста е во целосна конфузија по вчерашниот инцидент со претседателката на Косово, Вјоса Османи откако сите страни излегоа со своја верзија на настанот и побараа негово целосно расчистување.