САД го признаваат опозицискиот кандидат Гонзалес за победник на претседателските избори во Венецуела

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро зборува од балкон до неговата сопруга Силија Флорес и претседателот на Националното собрание на Венецуела Хорхе Родригез, во палатата Мирафлорес, во Каракас, Венецуела, 31 јули 2024 година.

Влоговите се зголемија за изборната власт на Венецуела да покаже докази за поддршка на нејзината одлука да го прогласи претседателот Николас Мадуро за победник на претседателските избори во земјата, откако САД на 1 август го признаа опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес за победник, дискредитирајќи ги официјалните резултати од гласањето.

Ова соопптение од американските власти уследи по повиците од повеќе влади, вклучително и блиски сојузници на Мадуро, Националниот изборен совет на Венецуела да објави детално пребројување на гласовите, како што тоа го направи на претходните избори.

Венецуелскиот Национален изборен совет го прогласи Мадуро за победник во понеделникот, но главната опозициска коалиција неколку часа по тоа во јавноста покажа дека има докази за изборни манипулации со повеќе од две третини од гласовите што секоја електронска гласачка машина ги печатела по затворањето на гласачките места.

„Со оглед на огромните докази, на Соединетите Држави и, што е најважно, на народот на Венецуела им е јасно дека Едмундо Гонзалес Урутија освои најмногу гласови на претседателските избори во Венецуела на 28 јули“, е наведено во соопштението од американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Претходно Мадуро на 1 август изјави дека побарал од Врховниот суд да ги потврди резултатите од претседателските избори на кои тој тврди дека победил, а кои опозицијата ги оспорува, а имало и барања од ширум светот за да објават деталните резултати од гласањето.

Француските медиуми ги пренесуваат тврдењата на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо дека во протестите поради спорната победа на Мадуро загинале 16 лица.

Видете и ова: Венецуела треба да докаже дека имало хакерски напад од Северна Македонија врз нејзиниот изборен процес

Мачадо ја осуди „суровата и репресивна ескалација“ на која прибегна владата на Мадуро во Венецуела.

„Го предупредувам светот на суровата и репресивна ескалација на режимот, кој до денес произведе повеќе од 177 произволни притворања, 11 присилни исчезнувања и најмалку 16 убиства во последните 48 часа“, напиша Мачадо на социјалната мрежа X.

Националниот изборен совет на Венецуела (ЦНЕ) го прогласи Мадуро за победник на изборите со освоени 51,2 отсто од гласовите, пред кандидатот за здружената опозиција Демократска унитарна платформа (ПУД), Едмундо Гонзалез со 44,2 проценти. Но, опозицијата ги отфрла ваквите резултати на ЦНЕ, во кој доминираат луѓе од Обединетата социјалистичка партија на Венецуела (ПСУВ) на Мадуро, обвинувајќи за изборни измами и фалсификати. Според резултатите на ПУД, Гонзалез освоил 67,19 отсто, а Мадуро 30,44 проценти од гласовите.