На Меѓународниот аеродром Скопје на 1 август се случил инцидент додека претседателката на Косово Вјоса Османи поминувала гранична контрoла пред нејзиниот лет. Од македонското МВР соопштија дека преземаат мерки за случајот.
Советникот за медиуми на косoвската претседателка Османи вели дека обезбедувањето на скопскиот аеродром на 1 август спротивно на меѓународните практики се обидело на Османи да и го земе телефонот и личната чанта, но и дека аеродромското обезбедување физички ја турнало. Османи за инцидентот го известила претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши, по што интервенирале припадници на неговото обезбедување.
Компанијата ТАВ Македонија реагираше наведувајќи дека спровеле стандардна безбедносна проверка и дека како аеродромски оператор имаат законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучително и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот.
Од Кабинетот на Гаши соопштија дека прибадниците на неговото безбедување, кои се вработени во МВР, интервенирале за да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности.
Македонското МВР го истражува случајот
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија (МВР), полицијата го истражува настанот којшто се случил во 10 часот наутро на 1 август додека Османи поминувала гранична контрола на скопскиот аеродром. Во соопштението на МВР се вели дека на косовската претседателка и било побарано да го стави телефонот да помине низ скенер, по што лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот од ТАВ за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж.
„Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер. По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин“, се вели во соопштението на МВР.
„Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, наведуваат од МВР на Северна Македонија.
Од Кабинетот на Гаши демантираат какво била вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во денешниот инцидент на скопскиот аеродром, велејќи дека неговоите членови на безбедносниот тим биле присутни само за да се смири ситуацијата „настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување“.
Советникот за медиуми на Османи - сериозни прекршувања
Според Беким Купина - советник за медиуми на косовската претседателка Османи, на скопскиот аеродром обезбедувањето, како што наведува, спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи, се обидело да и го земе личниот телефон.
„Претседателката не дозволи такво нешто, бидејќи тоа би било сериозно прекршување. И покрај образложението на правилата што тимот на претседателката му ги соопштил на аеродромскиот функционер, тој се обиде физички да ја турне претседателката, при што косовската полиција беше принудена да реагира за да го отвори патот. Ваквото однесување на македонскиот персонал на аеродромнот е спротивно на секоја меѓународна практика, според која шефовите на држави кога патуваат се заштитени со дипломатски привилегии и имунитети“, вели Купина.
Во соопштението исто така се додава дека „македонската страна“ и ја одзела личната чанта на Османи, како што наведуваат, иако тоа било спротивно на правилата и дека тимот на Османи го дозволил тоа за да може таа да влезе на аеродромот, односно во ВИП салонот, кој бил резервиран со усна нота од косовската амбасада, како што било практика за патувањата на шефовите на држави.
„Но, од безбедносни причини не е дозволено предавање на личниот телефон на кој било начин. Арогантното и насилничко однесување на службеникот на скопскиот аеродром е без преседан и никогаш не се случило на ниту едно патување на претседателот никаде во светот, вклучително и во непризнаени земји. Јасно се забележува дека во предметниот случај имаше тенденција да се испровоцира делегацијата на Република Косово и да се предизвика инцидент“, се вели во соопштението на Купина.
Во соопштението исто така се вели дека за „овој дипломатски скандал предизвикан од македонска страна“, Османи го известила претседателот на Собранието Африм Гаши,
Исто така советникот за медиуми на косовската претседателка Османи дека вели дека по влегувањето на претседателката во авионот, скопскиот аеродром не дозволувал комерцијалниот авион да полета повеќе од еден час, под изговор дека словенечката држава не дозволува полетување, бидејќи не би бил подготвен за слетување.
„Кабинетот на претседателот стапи во контакт со словенечката страна, која не информираше дека такво нешто апсолутно не е точно и дека авионот ќе може да слета во предвидениот термин. Претседателството го смета секој напад и нерегуларно постапување во спротивност со меѓународните конвенции на високи државни функционери како напад врз самата држава Косово. Република Косово никогаш во својата историја не се однесувала на таков начин кон претседателот/претседателот, премиерот или министрите на Северна Македонија или која било друга земја, ниту пак некогаш ќе дозволи такво нешто“, се вели во соопштението.
ТАВ вели дека има законска обврска да прави преглед
Одделот за Обезбедување на аеродромскиот оператор ТАВ Македонија соопшти дека постапил во рамките на своите овластувања и дека спровел стандардна проверка на претседателката на Косово Вјоса Османи Садриу и на нејзиниот багаж на пунктот за безбедноста проверка во ВИП - салонот, наведувајќи дека воопшто не била загрозена авијациската безбедност и безбедноста на патниците.
„Во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство, ТАВ Македонија како аеродромски оператор има законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, вклучувајќи ги и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот. Оттука, Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија, постапувајќи во рамките на своите овластувања спроведе стандардна безбедносна проверка на споменатиот патник како и на неговиот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП- салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет“, велат од ТАВ.
Исто така наведуваат дека авијациската безбедност не била загрозена, поради тоа што инцидентот се случил во јавната зона на аеродромот, пред пунктот за безбедносна проверка на ВИП-салонот „од каде ВИП-патниците откако ќе бидат проверени од обезбедувањето се упатуваат во безбедносно-контролирана зона на аеродромот“, велат од ТАВ.