Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт изјави дека убиството на Исмаил Ханије - политичкиот лидер на палестинската екстремистичка група Хамас која САД и ЕУ ја означија како терористичка, нема да влијае на мировниот процес што треба да доведе до крајот на војната меѓу Израел и Хамас.
„Не мислам дека тоа на било кој начин ќе влијае на шансите за мир, бидејќи тоа воопшто не е на дневен ред во моментов. Тоа може да создаде дополнителни тешкотии во процесот на постигнување договор за заложниците“, рече Олмерт на 31 јули во интервју за (Радио Фарда) Радио Слободна Европа (РСЕ).
Иран соопшти дека Ханије (62) е убиен во Техеран во средата во напад за кој го обвини Израел и предизвика страв од поширок конфликт на Блискиот Исток.
Видете и ова: Израел ја потврди ликвидацијата на лидерот на военото крило на Хамас, Мохамед ДеифНеговата погребна церемонија започна денеска во Техеран, а треба да биде погребан подоцна во главниот град на Катар, Доха.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, се закани со „строга казна“ за убиството на Ханије, додека членот на политичкото биро на Хамас, Муза Абу Марзук, вети одмазда.
Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт смета дека одговорот на Иран на ликвидацијата на Ханије ќе се заснова на верувањето дека Израел го извршил нападот, и покрај фактот што земјата не ја презеде одговорноста.
„Помалку е важно дали го направивме тоа или не. Така мисли [Иран] и тоа веројатно ќе ја одреди нивната реакција“, рече Олмерт, кој беше вклучен во неуспешните напори со палестинските власти за изнаоѓање решение за две држави, додека беше на премиерската позиција од 2006 до 2009 година.
Олмерт беше премиер како член на тврдокорната партија Ликуд, со која моментално претседава актуелниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху.