Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски имаше средба со неговиот косовски колега, Џелал Свечла, на која зборувале за соработката меѓу двете земји, со цел граѓаните да можат полесно да ги поминуваат границите на двете земји и поуспешна борба против организираниот криминал.
Тошковски изрази надеж дека соработката во иднина ќе се подобри и ќе се фокусира на побезбеден регион.
„Заеднички констатиравме дека нашите граѓани, особено во рамки на летниот временски период и тоа како пофреквентно, ги користат граничните премини и навистина сме должни, како одговорни политичари, да направиме сè што е возможно, граничните премини што ги имаме помеѓу Македонија и Косово, да ги поедноставиме максимално. Притоа, да се направи одреден компромис помеѓу соодветните безбедносни проверки што треба да се вршат и секако, тоа да биде максимално брзо, сè со цел нашите граѓани да можат колку што е можно побрзо да ги користат граничните премини“, рече Тошковски.
На средбата, министрите констатирале дека во наредниот период, особено треба да се посветат и на борбата против транснационалниот и организираниот криминал.
„Кога станува збор за борба против организираниот криминал, секогаш констатираме дека криминалците немаат никаков проблем да комуницираат максимално брзо и да ги преземаат сите оние нивни дејанија максимално ефикасно во рамки на нивната работа, поради што ние како МВР, треба исто така да одговориме максимално. Кога станува збор за меѓуполициска соработка, политиката не треба да има никакви влијанија, на професионално ниво, оперативно и ефикасно треба да одговориме на сите предизвици“, рече Тошковски.
Министрите разговарале и за спроведување обуки, поддршка во дел на симулирани вежби што треба да го кренат професионалниот капацитет на вработените во рамки на министерствата.
Свечла по средбата изјави дека и двете страни се согласиле оти има потенцијал за уште поголема соработка.
„Ако двете министерства и двете влади сме се задолжиле дека ќе имаме нула толеранција кон криминалот, ова подразбира, ако е ова нашата заложба, ние како влади, како министерства, но и другите влади и министерства во регионот, да го спроведеме на дело. И двете страни се согласивме дека има потенцијал, дека има место за уште поголема соработка. Секогаш борба против организираниот криминал, тероризмот, трговијата со луѓе. Но, нашата соработка ќе биде и во правец за доброто на граѓаните на двете земји“, изјави министерот за внатрешни работи на Косово.
Екстрадицијата на Рамадани и случајот „Монструм“
Во одговор на новинарско прашање во врска со барањето на Србија за екстрадиција на поранешниот припадник на ОВК Блерим Рамадани, кој беше приведен минатата недела на преминот Јажинце, меѓу Косово и Северна Македонија, косовскиот министер за внатрешни вели за случајот веќе се има произнесено македонскиот суд.
„Мислам дека за случајот треба да прашате во Министерството за правда, министерство кое го покрива ова поле. Што се однесува до екстрадицијата на нашиот граѓанин по барање на Србија, за тој случај има изјава, се произнел и самиот суд во Република Македонија. Ние сме спремни да разговараме и да работиме и како две соседни земји и како две пријателски земји и нема да дозволиме криминално барање на една трета земја која што нема ни законска основа, ниту законска основа во меѓународното право да го отежнуваат слободното движење на нашите граѓани“, рече Свечла.
Видете и ова: Ветерани на ОВК протестираа против апсењето на Рамадани пред судот во СкопјеВо врска со денешното барање од страна на министерот за правда Игор Филков за Косово да ги екстрадира Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, двајцата осудени на доживотен затвор во случајот познат како „Монструм“, Свечла вели не треба да се поврзуваат овие два случаи.
„Јас мислам дека тоа барање тој го доставил до неговиот колега. Значи, не можеме никако да ги поврземе овие два случаи. Во случај што вие го спомнувате, значи се работи за трета земја. Значи, се работи за земја, која и во регионалната соработка е проблем за подобра соработка меѓу земјите во регионот, а да не зборуваме за пречките, за лошите работи и криминалот што ги прават во однос на Косово, рече Свечла.
Собраните податоци, додаде, биле предадени до Јавното обвинителство на Косово.
„Ги имав сите можни анализи, сите истраги, сега веќе се реализирани. Значи, ние ги имаме сите податоци, се собрани и се предадени во ЈО на Косово за овој случај и очекувам ЈО да поднесе кривична пријава која што за цел имаше директен напад врз територијалниот интегритет на Косово“, рече Свечла.
На поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамадани, на барање на Обвинителството за организиран криминал му е одреден екстрадиционен притвор од 30 дена. Тој е приведен на 17 јули 2024 година на преминот меѓу Косово и Македонија и веднаш бил префрлен во затворот Шутка во Скопје.