Одлуката за десеткратно зголемување на нотарската тарифа потпишана од претходниот министер за правда Кренар Лога ќе биде поништена, најави новиот министер за правда Игор Филков.
Според него, иако одлуката била донесена во февруари, се чекало да поминат изборите и техничката влада на 6 јуни ја потпишала, со можност тој тарифник да стапи во сила на 1 септември.
Филков посочи дека оваа одлука била нетранспарентно донесена, без дебата и без за тоа да биде известена јавноста.
„Ова нема да се случи, затоа ќе ги повлечам измените за новата тарифа, вака не смее да се работи. Не смее народот да плаќа нешто 10 пати повеќе, не смее да се носат одлуки без широка дебата и да ги слушнеме сите засегнати страни“, изјави Филков.
Видете и ова: Екстрадициски притвор за приведениот поранешен припадник на УЧК РамаданиМинистерот за правда додаде дека набрзо ќе ги слушне и мислењето на нотарите, а за тоа е потребна и анализа од Парламентарниот институт за потребите за поскапување на нотарските услуги.
Дополнително, министерот соопшти дека потпишал барање за две екстрадиции за осудените за „Монструм“ - Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Овие барања се доставени до косовското Министерство за правда и се чека одговор.
Ова ќе биде трето барање за екстрадиција за овие двајца осудени за петкратното убиство на Смилковското езеро во 2012 година.