Израелските сили денеска (30 јули) извршија воздушен напад врз Бејрут, Либан, а целта наводно бил командант на Хезболах.
Израелската војска потврди дека извршила напад врз либанската престолнина, а мета бил маж одговорен за нападот на фудбалското игралиште на Голанската висорамнина, во кој загинаа 12 деца.
Израелскиот напад беше врз област во близина на населбата Харет Хреџик во Бејрут. Областа е упориште на милитантната група поддржана од Иран.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека Хезболах „ја преминал црвената линија“ со нападот на Голанската висорамнина.
Видете и ова: Дванаесет лица загинаа во напад на Голанската висорамнина, Израел одговори со напад на ХезболахХезболах ја отфрли одговорноста за нападот, а Израел ги отфрли негирањата од милитантната група и најави „силен“ одговор.
Либанската државна новинска агенција ННА соопшти дека нападот врз Бејрут бил извршен со дрон кој истрелал три проектили.
САД се обидоа да го одвратат Израел од напад на Бејрут или на главната цивилна инфраструктура како одговор на смртоносниот ракетен напад на Голанската висорамнина, изјавија во понеделникот извори на Ројтерс.
Видете и ова: Израел сака да возврати на нападите на Хезболах, но не сеопфатна војна во ЛибанХезболах, сојузник на палестинскиот Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, соопшти дека неговите напади врз Израел ќе престанат кога Израел ќе ја прекине својата офанзива врз Појасот Газа.
Насилството меѓу двете страни е на најлошо ниво од 2006 година и принуди десетици илјади луѓе од двете страни на границата да ги напуштат своите домови.