Германскиот државјанин Рико Кригер, кој беше осуден на смрт од белорускиот суд по обвинение за тероризам, поднел барање за помилување до авторитарниот владетел на земјата Александар Лукашенко, објави на 30 јули Телеграм каналот „Пул Первого“, поврзан со кабинетот на Лукашенко.
„(Лукашенко) ги покани луѓето вклучени во процесот (на помилување) да слушнат детали, размислувања и да стекнат мислење“, објави каналот.
Засега не е можно независно да се потврди информацијата дали Кригер официјално поднел барање за помилување.
Деталите за случајот на Кригер не беа познати додека групата за човекови права „Вијасна“ претходно овој месец не објави дека во јуни Германецот е осуден на смрт поради платенички активности, тероризам, создавање екстремистичка група, намерно оштетување на возила и нелегални операции со огнено оружје и експлозиви.
Видете и ова: „Исповед“ на Германец осуден на смрт во Минск објавена на белоруската телевизијаСпоред Вијасна, тоа било прво судење во Белорусија за „платенички активности“.
На 25 јули, државниот телевизиски канал Белорусија-1 емитуваше видео во кое се гледа како 30-годишниот Кригер седи зад решетки со лисици и се „кае“ за злосторствата за кои е осуден.
За време на 17-минутното видео, Кригер рече дека му е жал и изрази надеж дека Лукашенко ќе го помилува.
Практиката на прикажување на таканаречените видеа со покајание на опозициски политичари или активисти, направени под очигледен притисок по нивното апсење, е вообичаена во Белорусија со години.
Се чинеше дека и „признанието“ на Кригер се користи за пропагандни цели, при што тој во видеото зборува германски со синхронизација на руски.
По емитувањето, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок изјави дека е „неподносливо како белорускиот режим парадирал на телевизија со германски државјанин“.
Таа рече дека Министерството за надворешни работи и германската амбасада во Минск се во „близок контакт“ со Кригер и неговото семејство и им даваат конзуларна поддршка.
Видете и ова: Германец осуден на смрт со стрелање во Белорусија, тврди група за човекови права„Мораме да направиме се за да се осигураме дека неговите права ќе бидат зачувани и ќе останат заштитени“, додаде Баербок.
Според „Амнести интернешнл“, од стекнувањето независност од Советскиот Сојуз во 1991, Белорусија наводно егзекутирала околу 400 луѓе. Меѓутоа, егзекуциите на странски државјани се ретки.
Земјата е предводена од долгогодишниот авторитарен лидер Лукашенко, кој затвори илјадници дисиденти и граѓански активисти кои му се спротивставија.