Министерот за европски прашања Орхан Муртезани очекува во втората половина на септември Северна Македонија да ги добие првите пари од Планот за раст на Европската комисија, кој Брисел го претстави во ноември лани.
Тој на прес-конференција денеска (30 јули) посочи дека Владата ја усвоила драфт-верзијата од реформската агенда што треба да се спроведе за земјава да ги добие парите. Таа е испратена до Европската комисија и до 31 јули, како што рече, очекуваат да добијат повратни коментари за да може врз основа на забелешките да ја усвојат финалната верзија.
Според неговото објаснување, откако ќе се усвои конечната верзија од реформската агенда ќе следи потпишување Договор на Инструментот за реформи и раст и Договорот за заем. Потоа тој ќе треба да се ратификува и во Собранието.
Видете и ова: Гир: Треба радикална акција во судствотоМинистерот не одговори дали во драфт-верзијата од реформската агенда Владата предвидела укинување на Судскиот и Советот на јавни обвинители. Ваквите планови изминатиот период наидоа на критики од дел од домашната експертска јавност, но и од меѓународната заедница.
„Бидејќи станува збор за драфт верзија, односно податоци од другите министерства за кои јас не сум овластен јавно да ги споделувам, ќе замолам да се стрпиме до 31-ви кога треба да добиеме повратни одговори од ЕК. Не дека не знам, не сакам да споделувам информации за кои не сум овластен да ги споделам. Тие се информации од надлежните министерства и затоа не можам да ги споделам. Кога ќе добиеме официјален одговор од Европската комисија секако дека ќе го споделам“, рече Муртезани.
Премиерот Христијан Мицкоски, претходно рече дека од овој план за период од четири години очекуваат Северна Македонија да добие околу 750 милиони евра.
Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен БалканПланот за раст на ЕК се однесува на периодот 2024-2027 година и предвидува вкупно шест милијарди евра за шесте земји од Западен Балкан. По презентацијата во ноември лани, овој План доби зелено светло и од Европскиот парламент и Советот на ЕУ во април и мај годинава.
Целта на овој план е преку засилена економска интеграција на земјите од регионот меѓу себе, но и со ЕУ, постепено да почне да се намалува разликата во стандардот на државите од Западен Балкан и од Унијата. За да се случи таа интеграција, но и да се добијат парите потребни се реформи што секоја земја треба да ги договори со Брисел, со конкретни рокови и задолженија.