Новиот балансер не е провокација за коалициските партнери во Владата, туку, едноставно, почитување на постојните закони, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев по забелешките од коалицијата„Влен“ дека новиот балансер за вработување во јавната администрација, кој се прави исклучиво според попишаното резидентно население, е провокација за Албанците оти се намалува нивниот процент.
За министерот, балансерот е затворена тема и тој веќе се применува.
„Најмалку имам намера да провоцирам еден од нашите коалициски партнери. Јас само спроведувам закони. Во Законот за вработените во јавниот сектор децидно пишува дека алатката балансер се применува исклучиво за граѓаните што живеат на територијата на Република Македонија, а тоа е резидентното население во согласност со податоците од последниот попис. Јас се надевам дека колегите од „Влен“ ќе се вразумат, ќе потрошат повеќе внимание на читање на постојните закони и ќе се посветат на спроведување на овие закони, а нема да се занимаваат со дневно-политички теми“, рече министерот Минчев.
Видете и ова: Ремонт на „балансерот“ за државно вработување или целосна замена?Тој нагласи дека основната заложба на оваа Влада е етничкиот предзнак да не биде принцип за вработување, на што допрва ќе работат.
„Мислам дека е дојдено време во администрацијата да се вработуваат луѓе врз база на знаење, на квалитет, со цел да имаме силна ефикасна и добра јавна администрација. Но, тоа е второто начело, првото е да имаме квалитетни закони, токму овие за кои денес разговараме, а за кои исклучително важно е да бидат применливи, да бидат системски закони. Ако го постигнеме ова, тогаш можеме да разговараме за втората фаза за добра и квалитетна администрација врз база на знаење и квалитет“, порача министерот Минчев.
Видете и ова: ДУИ загрижена поради најавите за укинување на „балансерот“Тој денес извести дека ги повлекол од собраниска процедура предлог-законот за административни службеници, предлог-законот за вработени во јавниот сектор, и предлог-законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.
Предлог-законите ќе бидат ставени на Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија(ЕНЕР), каде што сите заинтересирани ќе може да дадат забелешки и сугестии, а истовремено во следните два месеца ќе се организираат јавни дебати и дискусии за нив.