УНИЦЕФ: Околу 70 отсто од жртвите на трговија со луѓе во Северна Македонија се деца

илустрација

И покрај тоа што децата-жртви на трговија со луѓе често остануваат неоткриени и непријавени ширум светот, достапните податоци од Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, што опфаќаат две децении (2001-2021), покажуваат дека децата сочинуваат 70 отсто од жртвите во Северна Македонија, се наведува во соопштението од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, по повод Светскиот ден на борба против трговија со луѓе.

„Оваа бројка значително го надминува глобалниот просек, според кој речиси една третина од сите идентификувани жртви на трговија со луѓе се деца. Просечната возраст на децата жртви во земјата е 15 години, при што девојчињата страдаат несразмерно повеќе и се подложени на двојна експлоатација: и сексуална и трудова. Ваквата алармантна распространетост која особено ги погодува младите девојки, го нагласува загрижувачкиот тренд што се влошува во дигиталната ера“, се посочува во соопштението на УНИЦЕФ.

Се додава дека трговците со луѓе во светот го искористиле технолошкиот напредок за да оперираат во поголема тајност и да ја зголемат својата профитабилност. Националната подгрупа за борба против трговија со деца известува дека трговците со луѓе сè повеќе ги намамуваат децата со помош на технологијата, преку меѓународно организирани криминални групи и онлајн предатори.

Видете и ова: Од понуда за работа во Турција до жртва на трговија со луѓе

Во извештајот се препорачува да се зголемат инвестициите во службите за детска заштита и во зајакнување на системот за детска заштита за подобро справување со основните причини за трговија со деца. Сиромаштијата, дисфункционалните семејства и дискриминацијата, се вели во соопштението, ги ставаат децата во поголем ризик да станат жртви на трговија со луѓе. Ситуацијата дополнително се усложнува со слабото спроведување на законите за работни односи и за детска заштита.

Видете и ова: Уапсени три лица за „трговија со дете“ - Родители ја продавале ќерката на Белгиец

Се препорачува и да се зголемат капацитетите за децата да добијат пристап до правда, а сторителите кривично да се гонат. Потребни се, се посочува во соопштението, инвестиции за спроведување на постоечките закони, каде што спаѓаат и постапките за истрага, складирање и зачувување на електронските докази.

„Ова налага континуирани инвестиции во градење капацитети на обвинителите, обвинителските одделенија, судството, специјалните полициски единици и другите релевантни стручни лица и практичари кои треба да се справат со новите предизвици што технологијата ги носи во експлоатацијата и злоупотребата на деца“, се вели меѓудругото во извештајот на УНИЦЕФ.