Министерот за надворешни работи на Велика Британија, Дејвид Лами ги повика британските граѓани да го напуштат Либан и да не патуваат во таа држава во услови на растечки тензии на Блискиот Исток, јави ДПА.
Лами рече дека „ситуацијата брзо се развива“, а претставниците на Форин Офисот работат „деноноќно за да помогнат британските граѓани да бидат безбедни“.
Британското МНР предупреди дека настаните во регионот би можеле да ескалираат за „кратко“ и да доведат до сериозни прекини во превозот на патници кои заминуваат од Либан.
„Не сметајте на Министерството за надворешни работи дека ќе може да ве евакуира во случај на вонредна состојба“, се наведува во соопштението.
Видете и ова: Израел сака да возврати на нападите на Хезболах, но не сеопфатна војна во ЛибанИзраел и Хезболах речиси секојдневно разменуваат оган долж израелско-либанската граница од почетокот на војната во Газа во октомври лани, но тензиите меѓу нив се зголемија по нападот на Хезболах поддржан од Иран на Голанската висорамнина. Во напад на фудбалско игралиште тогаш загинаа најмалку 12 лица, а повеќе од 30 биле повредени.
Израелската армија соопшти дека во нападот на Мајдал Шамс загинале деца и тинејџери и дека бил употребен проектил Фалак-1 од иранско производство со боева глава од 50 килограми.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека „Хезболах ќе плати висока цена за овој напад, која досега не ја платил“.