Државната компанија МЕПСО е прва која требало да реагира за долгот на фирмите во кои била сегашната министерка за енергетика, Сања Божиновска, смета претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски. Тој вели дека нема ингеренции во однос на должниците кон енергетските фирми на државата.
„МЕПСО не изреагирал и тој долг понатака дел по дел е исплаќан, во изминатиот период делови од долгот, колку што имам информации. Тоа е тековна работа“, вели Бислимовски.
Радио Слободна Европа објави истражување во кое откри дека сегашната министерка за енергетика Сања Божиновска била основач и еден од управителите на компанијата „ЕНГ сервис Трејд“. Компанијата добила лиценца од Регулаторната комисија за енергетика на пазарот за снабдување со електрична енергија на први октомври 2014 година.
Видете и ова: Сања Божиновска - патот од професионална кариера до министерска премиераВо септември 2017 година, МЕПСО објави дека вкупниот долг кон нив како државна компанија за таа година изнесува 57 милиони денари или 926.829 евра.
Од него, најголемиот дел бил направен во првите три месеци од 2017 година, а 70 насто отпаѓал на „ЕНГ сервис Трејд“ на Божиновска.
РСЕ праша во МЕПСО - дали компанијата на Божиновска ги подмирила обврските кон државата и како завршил спорот со оглед на тоа дека фирмата веќе не постои како правен субјект. Но, МЕПСО не даде конкретен одговор дали ги наплатиле долговите од фирмата на Божиновска.
„Поради неисполнување на условите за учество на пазарот на електрична енергија по истекот на времената суспензија и ненавремено плаќање на долг за преземена електрична енергија, компанијата е суспендирана од пазарот на електрична енергија. Согласно законските и подзаконските акти кои се на располагање за наплата на заостанатите обврски, активирана е банкарска гаранција депонирана од „ЕНГ Сервис Трејд“, а доспеаните и неплатени фактури се директно дадени на извршување кај надлежен извршител“, одговорија од МЕПСО за РСЕ.
Ниту министерката Божиновска не одговори конкретно дали компанијата со која раководела се раздолжила кон државната МЕПСО. За својата поранешна компанија на која МЕПСО и поднел и кривична пријава, Божиновска вели дека била „одбиена и пријавата не била процесуирана“.
Видете и ова: Агенцијата за енергетика формално под Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини