Внимателно треба да се прави секоја реформа на Судскиот совет и секоја реформа воопшто на правосудниот систем, смета американската амбасадорка Анџела Агелер. Во изјава дадена за медиумите од настан во Штип таа рече дека треба внимателно да се разгледаат и да се донесат мудри одлуки за спроведувањето на реформите во оваа сфера.
Агелер нагласи дека ЕУ има патоказ за тоа како треба да се спроведат реформите и оти тие како Амбасада и како држава го поддржуваат.
„Мојот заклучок на прашањето дали се потребни реформи во судството е: „Да, апсолутно се потребни“, рече Агелер.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека моделот на судски реформи којшто го предложи власта е подготвена да разговара за него и да слушне и друг модел, но не може повеќе како генерација да живее во држава во која правосудниот систем има доверба кај граѓаните од два проценти.
„Јас сум за тоа веднаш да се случат судските реформи и веднаш судството да суди и да ја донесе правдата и да нема рејтинг два проценти. Кога јас би имал два проценти рејтинг ќе си заминам од политиката. А тие наместо да заминат и наместо одговорност, тие грчевито се борат за фотелјите. Јас сум подготвен да разговарам со секој за секоја реформа која што ќе ја понудат, рече премиерот Мицкоски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за Слободна Европа порача дека треба радикална акција во судството и дека е очигледно дека оваа реформа е клучна. Сепак истакна дека мора да се внимава да не ја пречекоруваме поделбата на овластувањата меѓу различните делови на власта, како што се, извршната и судската власт.
Видете и ова: Гир: Треба радикална акција во судството„Јас мислам она што е важно е очигледно Судскиот совет. Што има да се прави таму? Неговата цел е да ја заштити независноста, професионалноста и интегритетот на судството, затоа треба да се погрижиме тоа навистина да функционира и да ја работи работата“, рече евроамбасадорот Гир.
Агелер зборуваше и за можното проширување на „црната листа“ на САД со нови лица, при што напомена дека тоа е континуиран процес, но оти не може конкретно да каже кога тоа би се случило.
Во врска со барањето на обвинителството за меѓународна правна помош од САД за случајот „Соравиа“, во кој е вклучен Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Агелер кажа дека таа нема детали, дека Амбасадата на САД има правна канцеларија, која се занимава со овие работи.