Италијанската премиерка Џорџа Мелони се состана со кинескиот лидер Си Џинпинг во понеделник, 29 јули, откако вети дека ќе ги „обнови“ затегнатите односи поради повлекувањето на нејзината земја од иницијативата „Појас и пат“ на Пекинг кон крајот на минатата година.
Мелони пристигна во Пекинг во саботата (27 јули) во својата прва посета на Кина откако ја презеде функцијата пред речиси две години. Си се заложи двете земји да ги гледаат билатералните односи од долгорочна перспектива и да соработуваат во меѓународните работи.
„Има растечка несигурност на меѓународно ниво и мислам дека Кина е неизбежно многу важен соговорник за решавање на сите овие прашања“, му рекла Мелони на Си.
Мелони рече дека верува оти Италија може да игра важна улога во односите на Кина со Европската Унија во услови на ескалација на трговските тензии меѓу 27-члениот блок и втората по големина економија во светот.
Видете и ова: Италија се повлече од кинескиот „Појас и пат“На состанокот со премиерот Ли Кианг во неделата, таа рече дека посетата „ќе ја обнови билатералната соработка“.
Тие потоа потпишаа заеднички италијанско-кинески акционен план кој ја нагласи важноста од тоа „да се осигура дека комерцијалните односи се избалансирани и заемно корисни“.
Според документот, тоа значи дека „компаниите можат да работат под еднакви услови во духот на фер конкуренција и слободна трговија“.
Видете и ова: Италија и Кина потпишаа план за индустрија за електрични возилаЗа време на разговорите, Ли рекол дека Пекинг сака да ги турка односите со Италија во „позрела и стабилна насока“, според кинеската државна новинска агенција Ксинхуа.
Владата на Џорџа Мелони во декември донесе одлука да се повлече од кинеската иницијатива „Појас и пат“, како единствена членка на Г7 што се приклучи на овој проект.
Пред да ја преземе функцијата, Мелони рече дека приклучувањето кон иницијативата, која е поврзана со напорите на Си да го прошири влијанието на Кина во странство - е „грешка“.
Необврзувачкиот меморандум за разбирање на Италија со Кина по приклучувањето на „Појас и пат“ содржеше широки обврски за соработка во логистиката, инфраструктурата, финансиите и животната средина.
Но, имаше малку детали, а недостигот на транспарентност околу иницијативата ја поттикна недовербата кај италијанските сојузници.
Администрацијата на Мелони оттогаш се обидува да ги поправи односите со Кина, вториот најголем трговски партнер на Италија надвор од ЕУ по Соединетите Држави.
Зборувајќи заедно со Ли на италијанско-кинескиот бизнис форум во неделата, Мелони рече дека сака да се осигура дека „нашите комерцијални односи се сè пофер и корисни за сите“.