Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова донесе одлука за составот и за именување претседател и членови на Комисијата за помилување.
Како што соопштија од кабинетот на претседателката, за претседател на Комисијата за помилување именуван е проф. д-р Методија Каневчев, а за нејзини членови се именувани проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева-Ивановска, Саше Димовски и Ајтен Шаќири.
„При изборот и именувањето на членовите на Комисијата за помилување претседателката Сиљановска-Давкова се водеше по критериумите за стручност, компетентност и конкурентност. Именуваните членови се истакнати експерти и познавачи од областа на правото“, стои во соопштението од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова.
Комисијата за помилување на претседателот на Република Северна Македонија, како постојано работно тело во служба на претседателот, на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот/министерката за правда. Постапката за евентуално помилување на осудени лица од страна на претседателот, започнува со поднесување молба за помилување до судот којшто ја донел првостепената судска одлука.