Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека нема несогласувања во владината коалиција во однос на нивната идеја за албанската академија за науки и уметности и нагласи дека тоа било програмска определба на „Вреди“ во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори. Според Таравари, сите идеи кои се однесуваат на науката и уметноста се добри и засега, како што рече, започнале како иницијатива во четири општини, а за понатаму сакаат да најдат решение кое е прифатливо за сите граѓани во земјава.
„Ние немаме несогласување, ова ни беше програмска определба уште кога беше кампањата пред претседателските и парламентарните избори. Идеите, кои се однесуваат на уметноста и науката мислам дека се добри и убави. Засега почнавме како иницијатива од четири општини, а понатаму се надевам дека ќе најдеме решение, кое би било прифатливо за сите кои што живееме во Република Македонија“, рече Таравари.
Во врска со реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која е и нивни коалициски партнер, дека науката не смее да се етницира, Тарвари вели дека се согласува и дека тие не ја етницираат науката.
„Науката никогаш не се етницира, таман работа, имаме повеќе универзитети, не ја етницираме и ќе имаме повеќе институции кои се занимаваат со наука и со уметност и да ги развиваме овие институции и што повеќе да ги поддржуваме, бидејќи секоја година кога се објавуваат резултатите на рангирањето на универзитетите, нашите за жал се за никаде“, рече Таравари.
Претставници и лидери на партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ викендов имаа средба со Здружението Албанска академија на науките и уметност во Тетово од која најавија дека општините ќе го финансираат ова здружение, а најавија и активности со цел да се оформи академијата како јавна установа, што пак предизвика реакција и несогласување кај нивните коалициските партнери во Владата, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, како и опозициските СДСМ и ДУИ.
Видете и ова: Буџетот за основна дејност на МАНУ е помал за 40 отсто, вели новиот претседател ПоповОд владејачката ВМРО - ДПМНЕ велат дека МАНУ е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници.
Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пак истакна дека науката не смее да се политизира, ниту пак да се етницира, а ваквите обиди и идеи ги окарактеризира како резултат на постизборен популизам.
Опозициската СДСМ денеска со реакција против отварање на Албанска академија на науките и уметностите и исто така на ставот дека МАНУ треба да остане единствена институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници.
Од ДУИ, пак велат дека тоа е квази општинска „академија“ која ги срами интелектуалците и нацијата.