Железничкиот сообраќај во Франција нормализиран по саботажата

илустрација

Француската мрежа за брзи возови се врати во нормала, три дена откако координираните акти на саботажа сериозно го попречија патувањето пред церемонијата на отворањето на Олимпијадата, соопшти министерот за транспорт Патрис Вергриете.

Останува нејасно кој подметнал три пожари на стратешките точки на железничката инфраструктура рано во петокот пред отворањето на Олимпијадата подоцна истиот ден, иако министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин рече дека Франција ја разгледува можноста дека екстремно левичарски екстремисти стојат зад саботажата.

Мрежата постепено се нормализираше во текот на викендот по поправките.

„Сите возови сообраќаат утрово“, изјави Вергриет за радиото RTL.

Нападите погодија 800 000 патници, но „на крајот 700 000 можеа да патуваат“, додека 100 000 страдаа од откажување на услугите, рече тој.

„По нападот, 50 беспилотни летала, 250 агенти за обезбедување на железницата и 1000 работници за одржување беа распоредени за зајакнување на безбедноста долж 28 000 километри долгата брза железничка мрежа“, додаде министерот.

Инцидентот најверојатно ќе чини милиони евра, додаде Вергриет.

Видете и ова: Во Франција, дел од железничкиот сообраќај во прекин

Министерот за внатрешни работи Дарманин рече дека властите идентификувале „профили на неколку луѓе“ кои можеле да ја извршат саботажата.

Француските крајно левичарски анархисти имаат историја на напади врз железничката мрежа.

Нападите беа „намерни, многу прецизни, исклучително добро насочени“, изјави Дарманин за телевизијата Франс 2.

„Тоа е традиционален тип на ултралевичарско дејство“, рече тој.

Меѓутоа, на прашањето дали профилите кои се идентификувани се блиску до крајната левица, Дарманин рече: „Мораме да бидеме внимателни“.

Видете и ова: Зошто Олимпијадата во Франција е голем безбедносен предизвик?

Тој рече дека прашање е „дали биле изманипулирани“ или постапиле „во нивна корист“.

„Тоа се луѓе кои можеби се блиски до тоа движење“, додаде министерот за внатрешни работи.

Во соопштението потпишано од „неочекувана делегација“ и испратено до неколку медиумски куќи, беше изразена поддршка за саботажа, додека Олимписките игри беа критикувани како „прослава на национализмот“ и угнетување на луѓето од националните држави.