Израелските власти соопштија дека најмалку 12 лица загинале, а повеќе од 30 се повредени во напад на фудбалско игралиште во Голанската висорамнина окупирана од Израел.
Израелската армија соопшти дека во нападот на Мајдал Шамс загинале деца и тинејџери и дека бил употребен проектил Фалак-1 од иранско производство со боева глава од 50 килограми.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека „Хезболах ќе плати висока цена за овој напад, која досега не ја платил“.
Висок функционер на Хезболах, Мохамед Афиф, рече дека милитантната група не е одговорна за нападот на Голанската висорамнина.
Видете и ова: Најмалку 30 лица загинаа во израелскиот напад врз училиште, велат во ГазаВладата на Либан ги осуди нападите врз цивилите и повика на прекин на непријателствата на сите фронтови.
Белата куќа соопшти дека поддршката на Соединетите Американски Држави (САД) за безбедноста на Израел „е непоколеблива против сите терористички групи поддржани од Иран, вклучително и либанскиот Хезболах“.
Во текот на ноќта на 28 јули, израелската војска одговори на нападот на Хезболах со серија напади врз нејзините позиции длабоко во либанската територија и во јужен Либан, вклучувајќи складишта за оружје и инфраструктура.
Мировната мисија на Обединетите нации во Либан повика на максимална воздржаност на либанско-израелската граница.
Ракетниот напад врз Мајдал Шамс е најсмртоносниот напад долж северната граница на Израел откако избија борби меѓу израелските сили и Хезболах кога започна војната во Појасот Газа.
„Хезболах истрела ракета врз децата кои играат фудбал во северен Израел. Потоа лажеше и тврдеше дека не го извршил нападот“, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари.
Хезболах претходно соопшти дека извршил девет одделни ракетни и беспилотни напади врз позиции на израелската војска како одговор на израелските воздушни напади врз селата во јужен Либан.
Ракетниот напад на фудбалскиот терен уследи по претходното прекугранично насилство во саботата, кога Хезболах соопшти дека тројца негови борци биле убиени.
Израелската војска соопшти дека цел била складиште за оружје на Хезболах во пограничното село Кфар Кила, додавајќи дека милитантите во тоа време биле внатре.
Израелската војска соопшти дека нејзиниот авион целел воена структура на Хезболах откако ги идентификувала милитантите кои влегле во зградата.
Хезболах ја презеде одговорноста за најмалку четири напади, вклучително и ракети „качуша“, како одмазда за нападите на Кфар Кила.
Видете и ова: Израелската армија нареди привремена евакуација на јужните делови на Хан ЈунесСнимката емитувана на израелскиот Канал 12 покажува голема експлозија во една од долините во друзскиот град Мајал Шамс, на Голанската висорамнина, која Израел ја зазеде од Сирија во војната на Блискиот Исток во 1967 година и ја анектираше во 1981 година.
Израел и Хезболах разменуваат оган од 8 октомври, ден откако членовите на Хамас, кои САД и Европската унија (ЕУ) го сметаат за терористичка организација, го нападнаа јужниот дел на Израел.
Во последниве недели, размената на оган долж либанско-израелската граница се интензивираше, а израелските воздушни напади против Хезболах погодија се подалеку од границата.
Ескалацијата во саботата дојде додека Израел и Хамас го разгледуваат предлогот за прекин на огнот со кој ќе се стави крај на речиси 10-месечната војна и ќе се ослободат околу 110 заложници кои остануваат заробени во Газа.
Во нападот на Хамас на 7 октомври, според израелските податоци, загинале околу 1.200 луѓе, а биле земени околу 250 заложници. Во последната израелска офанзива загинаа повеќе од 39.000 луѓе, според Палестинската здравствена управа под контрола на Хамас.
Од почетокот на октомври, повеќе од 450 луѓе, главно членови на Хезболах, но и околу 90 цивили и неборци, се убиени во израелските воздушни напади врз Либан. На израелска страна загинаа 44 лица, од кои најмалку 21 војници.