Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот. Пратеникот Митко Трајчулески од СДСМ рече дека со ребалансот не се предвидени средства за пораст на минималната плата, за плати на здравствените и просветните рабтници, за Армијата и полицијата.
Како што истакна Трајчулески, со ребалансот се суспендираат колективните договори и сите барања на синдикатите, а нема пари ниту за работниците и за нивните семејства.
„Ребалансот покажува дека Владата е конфузна и без јасна визија за развој на државата. Со ребалансот граѓаните добиваат нови задолжувања, зголемен е јавен долг, а има и раст на дефицитот, рече Трајчулески.
Лажаната е тезата дека нема средства за покачување на платите, ниту е точно дека не се прифатени барањата на синдикатите, рече денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Видете и ова: Ребаланс на Буџетот – спас од клиничка смрт или барање алибиСпоред Стојаноски, за Буџетот во 2025 година сите работници ќе бидат слушнати и сите нивни барања ќе бидат вкалкулирани во планот на ВМРО-ДПМНЕ за следните четири години.
„Ова е предлог-ребаланс со кој треба до крајот на годината да бидат исплатени сите обрвски преземени од претходната власт, а за кои нема средства. Во првично панираниот буџет не биле предвидени 4,1 милијарда денари за исплата на плати до крајот на годината. Во многу институции тие средства биле планирани само до шестиот месец, истакна Стојаноски.
Ова е трет ден од расправата за ребалансот на Буџетот. Општата расправа за ребалансот на Буџетот трае најмногу три дена, а амандманската за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. Завчера, на првиот ден од расправата, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска го образложи ребалансот, нагласувајќи дека е креиран согласно затекнатите состојби во Буџетот. Како што рече Димитриеска-Кочоска, обезбедени се средства за се што треба да се исплати согласно закон.
Вкупните приходи во ребалансот на Буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.