Тројца Бугари уапсени поради вандализам врз споменикот на холокаустот во Париз

Црвените дланки насликани на Меморијалот на Холокаустот во мај,

Тројца бугарски државјани се приведени под сомнение дека го вандализирале споменикот на холокаустот во Париз во мај, соопшти бугарската државна агенција за национална безбедност (ДАНС) на 26 јули.

Двајца од Бугарите беа приведени на 25 јули во Бугарија во заедничка акција на агенти и полицајци. Третиот е приведен во друга земја на ЕУ, се вели во соопштението на Агенцијата.

Според соопштението на Агенцијата уапсените „гравитираат околу бугарските групи со екстремно десничарска екстремистичка идеологија“.

Тие се осомничени дека го вандализирале Споменикот на Холокаустот правејќи 35 црвени отпечатоци од дланки на споменикот. Француските власти во мај, набргу откако се појавија графитите, објавија дека истражуваат дали сквернавењето било координирано од Русија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Олимпијадата во Париз, без руски спортисти и гледачи во Русија


ДАНС соопшти дека бугарските органи за спроведување на законот дејствувале по европскиот налог за апсење издаден на 19 јули од француските власти за злосторства, вклучително учество во организирана криминална група и оштетување на имот по етничка, расна и друга основа.

Инспекторите почнаа да ги следат Бугарите во мај, кога идентификуваа тројца осомничени кои престојуваа во хотел во Париз, а потоа отпатуваа за Белгија.

Меморијалот на холокаустот во Париз е испишан со имињата на 3.900 мажи и жени кои помогнале да се спасат Евреите од прогонство за време на нацистичката окупација на Франција од Втората светска војна.

Обвинителите истражуваат оштетување на заштитениот историски објект од национални, етнички, расни или верски мотиви. Казната за вандализмот може да биде построга доколку се докаже дискриминација.