Од 2017 година „Лотарија на Македонија“, без разлика што и самата не поседува лиценца самата издавала лиценци за приредување на игри на среќа, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање. Тој посочи дека документацијата е предадена на истражните органи и очекува надлежните институции да излезат со став.
„Има претходни високи функционери од Владата коишто и покрај тоа што знаеле дека ова е спротивно на Закон дозволиле ваков тип на игри на среќа да се приредуваат, а со тоа ги оштетиле и граѓаните и Буџетот“, изјави премиерот Мицкоски.
Оваа информација следи откако претходно деновиве беа одземени две лиценци на фирми од Струмица и од Скопје, кои, како што тврди премиерот не плаќале редовно данок. Министерството за финансии ги испратило предметите за двете друштва до Финансиската полиција и до МВР кои треба да утврдат дали и во колкав обем е оштетена државата од незаконското работење на друштвата за игри на среќа.
Видете и ова: Коцката е фрлена за онлајн фирмите на Државна лотаријаПретходно владејачкото мнозинство во Собранието побара укинување на лиценците на новите три компании за онлајн игри на среќа кои Државна лотарија преку јавен повик заеднички ги основаше со приватен капитал од Србија, Црна Гора и Бугарија. Во овие новоформирани компании, државното Акционерското друштво има 51 насто од сопственоста, додека приватните фирми 49 насто.
Станува збор за компаниите „ Државна лотарија - 77 Битс ДОО Битола“, каде косопственик е бугарската Телематик Интерактив Бугарија АД.
Потоа „Државна лотарија - Везув ДОО Скопје“, чиј странски капитал е на истоимената фирма „Везув“, која е најголемиот ланец на обложувалници „Волкано“ во Црна Гора и последната „Државна лотарија - Моззарт ДОО Скопје“ во партнерство со српската „Моцарт ДОО Белград“ која важи за една од најголемите компании за игри на среќа во регионот.