„Исповед“ на Германец осуден на смрт во Минск објавена на белоруската телевизија

Белорусија - Државната телевизија (Белорусија 1) прикажа видео монолог на Германецот Рико Кригер, кој беше осуден на смрт, на 25 јули 2024 година.

Германски државјанин, кој минатиот месец беше осуден на смрт од белорускиот суд во Минск, на 25 јули беше прикажан на видео на белоруската телевизија како бара милост за, како што веруваат експертите, изјава дадена под принуда.

Државната белоруска телевизија доцна на 25 јули го емитуваше видеото на со германскиот државјанин Рико Кригер, кој минатиот месец беше осуден на смрт под обвинение дека е платеник.

Во видеото кое трае 17 минути, 30-годишниот Кригер беше прикажан како седи зад решетки со лисици. За време на својот монолог, тој рече дека му е жал и изрази надеж дека авторитарниот владетел Александар Лукашенко, кој е лидер веќе 30 години, ќе го помилува.

Практиката на прикажување на таканаречените видеа за покајание на опозициски политичари или активисти направени под очигледен притисок по нивното апсење е вообичаена во Белорусија со години.

„Исповедта“ на Кригер изгледаше како да се користи за пропагандни цели, при што тој зборува германски со гласовниот превод на руски.

Видете и ова: Германец осуден на смрт со стрелање во Белорусија, тврди група за човекови права


Гласот на нараторот што го преведува говорот на Кригер вели дека германските власти молчат и покрај личните апели на Кригер до германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

Сепак, портпаролот на германската влада на прес-конференција во Берлин на 26 јули изјави дека „канцеларот е свесен за случајот и, како и целата влада, и тие се загрижени за овие настани, особено во врска со смртната казна“.

Во видеото, според преводот на говорот на Кригер, се посочува дека тој работел како болничар и во безбедносната служба на Амбасадата на САД во Берлин пред да воспостави онлајн контакт со Украинската служба за безбедност (СБУ) преку, како што се тврди во видеото, со странска платеничка единица во украинските вооружени сили минатата година.

Според објавеното видео, Кригер добил задача од офицер на украинската служба за безбедност да најде ранец на 5 октомври 2023 година, на локација координирана од службениците на СБУ и да го постави на железницата, што и тој го направил.

„Сега знам дека никој не е повреден, дека нема човечки жртви“, вели Кригер во видеото додека почнува да плаче.

Кригер потоа вели дека бил уапсен на 6 октомври на аеродромот во Минск додека го чекал својот лет за Берлин.

По ова, на видеото се појавува кадар на кој се гледа експлозија на шините во близина на станица со датум и време: 5 октомври 2023 година, 23:22 часот.

„Дефинитивно се сметам себеси за виновен... Се каам во секоја секунда“, вели Кригер, додавајќи дека тој може да биде погубен во секое време и бара помош од германските власти и милост од белоруските власти.

Деталите за случајот на Кригер не беа познати сè додека групата за човекови права „Вјасна“ минатата недела објави дека тој е осуден на смрт во јуни за платеничка активност, тероризам, создавање екстремистичка група, намерно оштетување на возило и нелегални операции со огнено оружје и експлозиви.

Белоруските власти не го коментираа случајот.