Државната комисија за спречување на корупцијата оформи предмет за проверка на вистинитоста на податоците од изјавата за имотна состојба и интереси на Димитар Ковачевски, велат антикорупционерите за Радио Слободна Европа.
Во последната година од премиерскиот мандат, Димитар Ковачевски го зголемил својот имот за еден стан и една куќа. Ова го покажува споредбата што Радио Слободна Европа ја направи на двата анкетни листа што ги поднел до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК)- првиот кога стана премиер во јануари 2022 година, а вториот кога стана пратеник во јуни 2024.
„Постапувањето по предметот е во тек. Од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата се преземаат дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница, која ќе биде објавена на веб страницата на ДКСК,“ е наведено во одговорот од ДСКС за РСЕ.
Пратеникот Ковачевски за Радио Слободна Европа изјави дека транспарентно сите промени на имотот ги пријавил во Антикорупцијата комисија.
Видете и ова: Имотот на пратеникот Ковачевски поголем за еден стан и куќа од имотот на премиерот КовачевскиСпоред новиот анкетен лист, Ковачевски поседува вкупно четири стана и една куќа. Еден од становите е во сопственост на неговата сопруга Елена. Пријавената вредност на недвижниот имот изнесува 365 илјади евра.
Ковачевски кога седна на премиерското столче во јануари 2022 година, во ДКСК пријави дека поседува недвижен имот вреден 248 илјади евра, што е за над сто илјади евра помалку од сегашната состојба.
Ковачевски вели дека го продал станот кој го поседувал од 2008-та година и дека со тие пари, како и со продажбата на автомобилот „Пасат“ купил помали станови во изградба.
„ И наплатив дивиденда, која што ми беше ненаплатена дивиденда поради ковид кризата, од фирмата во која што имав акции порано, кои пред да станам заменик министер за финансии ги отстапив и си ги повлеков средствата, си ја наплатив и дивидендата од 3,4 милиони денари, и со тие средства ги купив помалите станови, а тоа се е пријавено во Антикорупциска“, одговори Ковачевски за РСЕ.
Според купопродажниот договор до кој дојде Радио Слободна Европа во јуни лани Ковачевски исплатил 26 илјади евра за куќа од вкупна површина од 76 метри квадратни и двор од 393 метри квадратни. Но, во новиот имотен лист кој го доставил до Државната комисија за спречување на корупција, не го внел дворот на куќата.