Европската Унија испрати 1,5 милијарди евра помош за Украина, финансирана од приходите од руските средства замрзнати во ЕУ, кои ќе бидат потрошени за одбрана и реконструкција, објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 26 јули на социјалната мрежа X.
„Денес префрламе 1,5 милијарди евра приход од имобилизираните руски средства за одбрана и обнова на Украина. Нема подобра симболика или употреба за парите на Кремљ од тоа да ги направиме Украина и цела Европа побезбедно место за живеење“, напиша Фон дер Лајен.
Премиерот на Украина Денис Шмихал го поздрави првиот трансфер на ЕУ.
„Ова е значаен придонес за одбраната и обновата на Украина“, напиша тој на платформата X.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија „внимателно ќе размисли како да одговори“.
Видете и ова: ЕУ воведе дополнителни санкции против Русија поради инвазијата во УкраинаМинистрите за надворешни работи на ЕУ ги одобрија исплатите на крајот на јуни.
Помошта се финансира од приходи од средства како камата, но не и од основните средства, кои остануваат замрзнати. Деведесет отсто од парите ќе бидат за воена помош, додека десет отсто ќе одат директно во Украина како финансиска помош, пишува Ројтерс.
Руски средства во вредност од околу 260 милијарди евра, како што се резервите на Централната банка, се замрзнати како дел од санкциите воведени кон Русија поради војната во Украина.
Видете и ова: Испораките и производството на европска муниција за Украина, далеку од ветенитеПарите сега ќе бидат ставени на располагање за поддршка на воените капацитети на Украина и помош на земјата да се опорави од штетата предизвикана од руските напади.
Најголем дел од руските резерви, главно акции и други видови хартии од вредност во коишто инвестира Руската централна банка, се чуваат во депозитар со седиште во Брисел наречен Еуроклиар. Кога овие средства ќе ги достигнат последните денови на исплата, тие се претвораат во готовина.
На самитот во Италија во јуни, лидерите на групата седум (Г7) се согласија да ги искористат каматите од руските средства замрзнати на Запад за да обезбедат заем од 50 милијарди долари за Украина.