Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ најави формирање на парламентарна комисија поврзана со литиумот и ја покани опозицијата да учествува во нејзината работа.
Таа за РТС изјавилс дека ќе работи и на организирање посета на парламентарна делегација на Германија и Финска со цел таму да ги види сите активности на тие земји поврзани со литиумот, пренесува Бета.
Брнабиќ се залага за аргументирана расправа во српското Собрание.
„Не политизирајте, ајде да зборуваме врз основа на факти“, и порача Брнабиќ на опозицијата.
Таа ја критикуваше опозицијата дека на собраниската седница наместо за точките од дневниот ред повеќе зборува за литиум. Брнабиќ рече дека ќе се обиде да организира јавна расправа за литиумот во парламентот и изјави дека на оваа тема тешко може да се најдат одговорни професионални и аполитични луѓе бидејќи, како што наведе, „штом кажат нешто, се ставаат од едната страна“.
Таа оцени дека темата за ископ на литиум е политизирана, а јавноста е поделена.
„Нема потреба да се бориме заради евтини политички поени за тоа што може да донесе економски просперитет на Србија“, рече таа.
Како што додаде, сите во парламентот „се заинтересирани за заштита на животната средина“.
„Сите сме заинтересирани за заштита на животната средина, ајде да видиме како ќе го направиме тоа заедно, да воспоставиме контролни механизми и ги повикувам луѓето да дадат предлози“, рече таа.
Видете и ова: Вучиќ: Нема да има ископ на литиум без заштита на луѓето и животната срединаГраѓаните на Лозница и Нови Сад на 25 јули протестираа против изградбата на рудник за литиум од страна на Рио Тинто. За време на Самитот за одржливи суровини во Белград на 19 јули, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу ЕУ и Србија за стратешко партнерство за одржливи суровини, синџири за производство на батерии и електрични возила.
Ова се случи неколку дена откако Владата на Србија го обнови проектот Јадар, според кој меѓународниот рударски гигант Рио Тинто треба да отвори рудник за ископ на литиум во долината Јадар на запад од земјата.
Видете и ова: Владата на Србија го врати во живот проектот Јадар, осуда од еколошките активистиВладата на Србија стави крај на овој проект на почетокот на 2022 година, но претседателот на Србија, Александар Вучиќ, оваа година посочи дека Србија би можела да започне со ископ на литиум во 2028 година. Ако овој проект заживее, се проценува дека проектот „Јадар“ вреден 2,4 милијарди долари би можел да покрие 90 отсто од сегашните потреби на Европа за литиум.
Рио Тинто соопшти дека областа ја има една од најголемите европски резерви на јадаритна руда за производство на литиум и може да произведе 58 000 тони годишно, што е доволно за напојување на 1,1 милион електрични возила.
Сепак, еколошките активисти и опозициските партии во Србија се погласно се противат на овој проект.