Обвинителството истражува двајца кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители

Илустрација

Досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се меѓу одземените работи за време на вчерашниот претрес во оваа институција, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Предметот бил отворен „благодарение“ на податоците што обвинителството ги добило од телефонот на осомничениот врховниот судија Наќе Георгиев против кого веќе се води случај за кривичното дело „примање награда за против законито влијание“.

Анализата на телефонот, како што велат, довела до „сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело“.

„Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видеозапис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата“, велат од Обвинителството.

Видете и ова: Притвор за осомничениот врховен судија

Во соопштението од ОЈО ГОКК нема детали дали од која генерација е поранешниот кандидат на Академијата, ниту дали веќе е избран судија или обвинител, како и за тоа дали актуелниот кандидат е од групата на идни судии или идни обвинители.

Претресот вчера (25 јули) беше извршен со асистенција на крим-полицијата.

„За сите дополнителни активности и детали кои нема да влијаат на постапката обвинителството ќе ја информира јавноста навремено“, додаваат од ОЈО ГОКК.

Во моментов на Академијата се школува осмата генерација.

Роднинските врски во седмата генерација

Седмата, пак, ја заврши обуката во февруари 2023 и беше една од генерациите за кои се крена најголема врева во јавноста. Таа беше во фокусот на јавноста поради тоа што во неа имаше членови на семејствата на познати политичари, судии, обвинители … Во оваа генерација беше и Кирил Георгиев, син на осомничениот судија Наќе Георгиев.

Двајцата беа во фокусот на јавноста кога Судскиот совет требаше да го избере синот за судија во јули лани. Во истиот период, таткото беше избран за член на Судскиот совет, па непосредно пред да даде заклетва се повлече од местото.

Во оваа генерација, како што се пишуваше лани, се најде и Илир Јакупи кој ја заврши академијата за да биде судија, поради блиски роднински врски со Иџет Мемети. Мемети е поранешен народен правобранител, а во моментов е член на Советот на јавни обвинители и е осомничен дека му помагал на судијата Георгиев во случајот за кој се води истрага.

Седмата генерација кандидати го привлече вниманието првично поради името на Барлет Џафери, син на тогашниот претседател на Собранието, а сега актуелен пратеник од ДУИ Талат Џафери. За него, Државната комисија за спречување корупција откри и дека сè уште недипломиран се здобил со право да полага правосуден испит во 2015 година. Меѓутоа, Барлет Џафери успешно ја заврши Академијата и сега е обвинител во Гостивар.

Видете и ова: Ново семејно стебло во судовите и обвинителството

Од оваа генерација обвинителка стана и Албулена Абази, сопруга на шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази. Од групата на судии, пак, во седмата генерација се најдоа: Симона Муцунски-Бубевска, сопругата на акутлениот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, потоа Билјана Иванова, снаа на доскорешната генерална секретарка на Собранието Цетанка Иванова, Драган Јосифовски, синот на обвинителката Елизабета Јосифовска и уште неколку други.

Деветата генерација - тема на политички препукувања

Академијата за судии и јавни обвинители беше тема на политички препирки и за деветтата генерација за која сè уште е во фаза процесот на прием на кандидати.

За сите дополнителни активности и детали кои нема да влијаат на постапката обвинителството ќе ја информира јавноста навремено. За деветтата генерација огласот беше распишан уште на 31 јануари 2023, меѓутоа досега не успеааја да се изберат кандидати. Една од пречките беше електронското полагање тестови, за што немаше софтвер. Поранешната влада на СДСМ и ДУИ предлагаше да се полага писмено додека да се набави софтвер, а ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека на таков начин овие партии сакаат да протнат свои кадри.

Видете и ова: Смени или поделби во Академијата за судии и обвинители?

Случајот се најде и пред Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и пред Управниот суд затоа што ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека Академијата не смее да продолжи со спроведување на процесот на прием во изборниот период кога требаше да се одржат претседателските и парламентарните избори во април и мај годинава.

Раководството на Академијата и директорката Наташа Габер Дамјановка, пак, беа на став дека ова не значи вработување, туку само прием на кандидати за едукација, односно за слушање почетна обука. На почетокот на месецов, Габер-Дамјановска, си поднесе неотповиклива оставка од директрската позиција.