Француската брза железничка мрежа погодена од подметнати пожари

илустрација

Француската брза железничка мрежа беше погодена од „злонамерни дејствија“, вклучително и подметнати напади кои го нарушија транспортниот систем, соопшти денеска (26 јуни) железничкиот оператор SNCF, неколку часа пред церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз.

„Ова е масовен напад од големи размери за да се парализира мрежата TGV“, изјавија од железничкиот оператор за агенцијата АФП, додавајќи дека многу рути ќе мора да бидат откажани и ситуацијата ќе трае „барем цел викенд додека се вршат поправките“.

„SNCF беше жртва на неколку истовремени злонамерни дејствија во текот на ноќта“, рече националниот железнички оператор, додавајќи дека нападите ги погодиле нејзините линии на атлантскиот, северниот и источниот дел.

„Започнаа напади со подметнување пожари за да ги оштетат нашите објекти“, се вели во соопштението, додавајќи дека сообраќајот на погодените линии е прекинат.

Видете и ова: Зошто Олимпијадата во Франција е голем безбедносен предизвик?

Возовите се пренасочуваат на различни шини „но ќе мораме да откажеме голем број од нив“, се вели во соопштението.

Југоисточната линија не била засегната бидејќи „беше спречен злонамерен чин“.

Железничкиот оператор SNCF ги повика патниците да ги одложат патувањата и да се држат подалеку од железничките станици.

Нападите се случуваат додека Париз се подготвува за свеченото отворање, со 7500 спортисти, 300 000 гледачи и публика од ВИП личности.