Мексиканскиот наркобос „Ел Мајо“ и синот на „Ел Чапо“ уапсени во Тексас

Веста за апсењето на мексиканскиот нарко бос на телевизија во кафуле во Ел Пасо, Тексас, САД 25 јули 2024

Мексиканскиот наркобос Исмаел „Ел Мајо“ Замбада и синот на неговиот поранешен партнер, Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, се уапсени во четвртокот во Ел Пасо, Тексас, објави американското Министерство за правда.

„Министерството за правда приведе уште двајца наводни водачи на картелот Синалоа, една од најнасилните и најмоќните организации за трговија со дрога во светот“, соопшти Министерството.

Замбада и Хоакин Гузман Лопез, синот на Ел Чапо, се соочуваат со повеќе обвиненија во САД „за водење на криминални операции на картелот, вклучително и производство на фентанил и мрежа за шверц на дрога“, се вели во соопштението.

Двајца американски официјални лица за Ројтерс изјавија дека Замбада и Гузман Лопез биле приведени по слетувањето на приватен авион.

Видете и ова: Полицајци загинаа во престрелка со мафијашки картел во Мексико

Замбада го коосноваше картелот Синалоа со Ел Чапо, кој беше екстрадиран во САД во 2017 година и отслужува доживотна затворска казна во затвор со максимална безбедност.

По екстрадицијата на Ел Чапо, неговата криминална империја ја наследија неговите четири сина - познати како Лос Чапитос или малиот Чапос, кои ја презедоа неговата фракција во картелот и станаа еден од најголемите извозници во Соединетите Држави на фентанил, синтетички опиоид кој е до 50 пати посилен од хероинот и 100 пати посилен од морфиумот.