Претрес во Академијата за судии и јавни обвинители

Илустрација

Во Академијата за судии и јавни обвинители се врши претрес, по наредба на судија на претходна постапка и по барање на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, потврдија од Министерството за внатрешни работи за Радио Слободна Европа.

„Се одземаат електронски податоци од компјутерските системи, мобилни телефони и досиеја од веќе избрани судии и обвинители. Дејствaта се во тек“, велат од МВР.

Нема информација за причината за претресот.

Видете и ова: Испитот на хартија ќе им „пресуди“ на идните судии и обвинители

Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК) во мај 2024 година покрена иницијатива до сите надлежни органи за утврдување одговорност на директорката, претседателот и членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик.

Надлежните институции имаат рок од 60 дена да ја разгледаат и да постапат по оваа иницијатива, информираа тогаш од ДКСК.

„Антикорупциската комисија отвори предмет за вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители, за време на изборите, за што утврдивме дека е спротивно на законите, а тоа практично го потврдија и Управниот и Вишиот Управен суд, кои ја отфрлија жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители“, објави тогаш Комисијата.

Видете и ова: ДКСК ќе бара одговорност за случајот со Академијата на судии и обвинители

Претходно, сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пред двојните парламентарни и претседателски избори во мај поднесе пријава до ДКСК против Академијата за судии и јавни обвинители за прекршување на Изборниот законик поради објавен оглас за прием на нови 130 слушатели на Академијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш рекоа дека спротивно на закон, среде избори, се врши процес на вработување, прием на нови судии и обвинители, при што наместо електронско полагање, за прв пат ќе се полага писмено затоа што не е набавен соодветен софтвер.